САД и Израел употребиле над 3.000 парчиња муниција во првите 36 часа од офанзивата врз Иран
- Во почетната фаза на кампањата американските сили користеле голем број офанзивно оружје, меѓу кои 210 прецизно наведувани бомби ЈДАМ, 120 крстосувачки ракети „Томахавк“, 120 нискобуџетни беспилотни летала и 90 противрадарски ракети АГМ-88
ИСТАНБУЛ (АА) - Повеќе од 3.000 парчиња муниција и пресретнувачи биле употребени во првите 36 часа од американско-израелската офанзива врз Иран, што открива значајна слабост во синџирите на снабдување, покажуваат извештаи.
Според процените на Институтот „Пејн“, Иран лансирал повеќе од 1.000 парчиња оружје низ регионот, вклучително и околу 380 балистички ракети, 700 беспилотни летала „Шахед“ и 50 ракети за противвоздушна одбрана. Ова предизвикало масовни обиди за пресретнување од страна на САД, Израел и земјите од Персискиот Залив, кои биле цел на иранските одмазднички напади.
Во почетната фаза на кампањата американските сили користеле голем број офанзивно оружје, меѓу кои 210 прецизно наведувани бомби ЈДАМ, 120 крстосувачки ракети „Томахавк“, 120 нискобуџетни беспилотни летала и 90 противрадарски ракети АГМ-88 насочени кон иранските радарски системи.
Израелските сили, исто така, извршиле обемни напади, употребувајќи околу 280 наведувани бомби „Спајс“, 140 комплети за паметни бомби, 70 суперсонични ракети „Рампејџ“ и 50 крстосувачки ракети „Делила“, покажуваат процените.
Системите за противвоздушна одбрана, исто така, интензивно се користеле за пресретнување на иранските ракети. САД истрелале приближно 180 морнарички пресретнувачи СМ-2/СМ-3/СМ-6, 90 ракети „Патриот“ PAC-2/PAC-3 и 40 пресретнувачи ТХААД, а Израел распоредил 70 пресретнувачи „Тамир“ од системот „Железна купола“, 40 ракети „Ероу“ и 35 пресретнувачи „Дејвидс Слинг“.
Регионалните партнери, исто така, учествувале во напорите за противввоздушна одбрана, при што земјите од Персискиот Залив лансирале околу 250 пресретнувачи „Патриот“ PAC-3 и 30 ракети ТХААД, се наведува во процените.
Интензивната размена на ракети и беспилотни летала, според медиумските извештаи, укажува на поширок стратегиски предизвик. Иако одбранбените системи во голема мера ги пресретнале дојдовните напади, цената и обемот на употребената муниција вршат значителен притисок врз западните синџири на снабдување.
Обновувањето на овие арсенали претставува не само финансиски предизвик, туку и проблем поврзан со снабдувањето со критични минерали, меѓу кои кобалт, волфрам и ретки земни елементи што се неопходни за системите за наведување, електрониката и ракетните мотори.
Многу од овие материјали се набавуваат од ограничен број снабдувачи, при што Кина доминира на неколку клучни пазари на минерали, што предизвикува загриженост дека продолжен конфликт би можел да ги открие слабостите во капацитетите на западната одбранбена индустрија.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
