свет

Иран: Војната ќе заврши кога ќе престане американско-израелската „агресија“

- Според ирански официјални податоци, во нападите на САД и Израел, кои започнаа во саботата, врз Иран убиени се речиси 800 лица, меѓу кои и врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи и високи воени функционери

Syed Zafar Mahdi  | 03.03.2026 - Обновена : 03.03.2026
 Иран: Војната ќе заврши кога ќе престане американско-израелската „агресија“

ТЕХЕРАН (АА) - Иран денес соопшти дека тековната војна со САД и Израел ќе заврши „кога ќе престане агресијата“, додека борбите продолжуваат веќе неколку дена, јавува Анадолу.

Говорејќи пред новинарите во основното училиште погодено во американско-израелскиот напад врз Техеран, портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаеил Багаеи, изјави дека војната „не е иницирана од Иран, чиј избор беше дипломатијата“.

Според ирански официјални податоци, во нападите на САД и Израел, кои започнаа во саботата, врз Иран убиени се речиси 800 лица, меѓу кои и врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи и високи воени функционери.

Нападите се случија неколку дена откако САД и Иран одржаа трета рунда индиректни преговори за нуклеарна програма со посредство на Оман.

Багаеи посочи дека многумина во Иран биле против преговорите со САД, имајќи го предвид претходното искуство, кога Израел и САД го нападнале Иран во јуни минатата година.

Тој ги повика Советот за безбедност на Обединетите нации и меѓународната заедница да интервенираат „пред војната да се прошири и на други места“.

„Ветивме дека ќе се бориме со сета наша сила во оваа битка“, рече Багаеи, додавајќи дека фокусот во моментов е насочен кон одбрана на земјата од нападите.

„Во изминатата една и пол година добивавме многу противречни и измамнички пораки. Сега е време за војна и одбрана на татковината. Сè што го одвлекува нашето внимание мора да биде ставено настрана“, истакна тој.

Багаеи нагласи дека Иран повеќепати предупредувал на „неактивноста и рамнодушноста“ на меѓународната заедница кон прекршувањата на правото.

„Светот виде геноцид и не презеде ништо; беше сведок на агресија врз соседни земји и не реагираше. Повеќепати алармиравме и предупредувавме дека ако светот – особено земјите што тврдат дека го почитуваат владеењето на правото и имаат клучна улога во обликувањето на меѓународниот нормативен систем и Повелбата на ОН – не дејствуваат, огнот на беззаконието ќе ги зафати сите држави“, рече тој.

Досега Иран изврши 15 напади со ракети и беспилотни летала врз Израел и американски цели во регионот, вклучително и во Бахреин, Катар, Обединети Арапски Емирати, Јордан, Ирак, Кувајт и Саудиска Арабија. Дел од овие земји ги осудија иранските напади како неоправдани.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.