Јутјуб со нови мерки за заштита на тинејџерите во САД користејќи вештачка интелигенција
„Кога системот ќе идентификува тинејџер, автоматски ќе ги активираме нашите заштитни функции наменети за таа возрасна група“, соопшти Јутјуб.

АНКАРА (АА) – Јутјуб денес соопшти дека ќе почне да воведува нов систем базиран на машинско учење во САД што ќе ја проценува возраста на корисниците со цел да обезбеди подобра заштита за тинејџерите, јавува Анадолу.
Новата технологија со вештачка интелигенција ќе ги анализира однесувањето на корисникот, категориите видеа што ги гледа, обрасците на пребарување и времетраењето на користење на сметката за да утврди дали корисникот има помалку од 18 години, без оглед на датумот на раѓање внесен во профилот, се наведува во блог-пост на компанијата.
„Кога системот ќе идентификува тинејџер, автоматски ќе ги активираме нашите заштитни функции наменети за таа возрасна група“, соопшти Јутјуб.
Меѓу мерките се наведуваат исклучување на персонализирани реклами, вклучување на дигитални алатки за благосостојба и ограничување на препораките за повторувачки содржини.
Корисниците што погрешно ќе бидат класифицирани како малолетни ќе имаат можност да ја потврдат својата возраст преку официјален документ или кредитна картичка.
Овој систем, кој претставува надградба на досегашните иницијативи како Јутјуб Кидс и надгледувани профили, веќе бил применет и на други, засега неименувани пазари.
Компанијата најави дека внимателно ќе го следи процесот на имплементација во САД пред да продолжи со поширока примена.
„Горди сме што повторно сме на чело во користењето технологија што овозможува заштита, а притоа ја зачувува приватноста на тинејџерите“, велат од Јутјуб.
Содржините што се означени како несоодветни за малолетни корисници ќе бидат достапни само за оние што се потврдени или проценети како полнолетни.
Јутјуб потврди и дека ќе соработува со креаторите на содржини и ќе го следи искуството на корисниците за време на целиот процес на имплементација.