Јорданскиот крал: „Доколку светот не дејствува, ќе биде соучесник во злосторствата на Израел“
„Она што се случува во Газа денес ги крши меѓународното право, моралните стандарди и нашите заеднички вредности...“

АТИНА (АА) - Кралот на Јордан, Абдула Втори, предупреди дека меѓународната заедница ќе сноси дел од одговорноста за злосторствата на Израел доколку не реагира решително на тековните настани во Газа и на Западниот Брег, јавува Анадолу.
Во обраќањето пред Европскиот парламент денес, кралот рече: „Доколку светот не делува решително, ќе биде соучесник во злосторствата на Израел.“
Абдула ја нагласи хуманитарната катастрофа во Појасот Газа и масовните смртни случаи, истакнувајќи: „Она што се случува во Газа денес ги крши меѓународното право, моралните стандарди и нашите заеднички вредности. А на Западниот Брег сме сведоци на прекршок по прекршок со секојдневно влошување на ситуацијата.“
Тој повтори дека единствено праведно и одржливо решение за израелско-палестинскиот конфликт е формирањето независна палестинска држава преку дипломатија, како што е предвидено во повеќе резолуции на Обединетите нации.
„Затоа што, пријатели мои, Палестинците, како и сите луѓе, имаат право на слобода, суверенитет и, да, на сопствена држава“, рече кралот.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија спроведува брутална офанзива против Газа од октомври 2023 година, при што се убиени над 55.400 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна против енклавата.
Исто така, обрнувајќи внимание на нападите на Израел врз Иран, Абдула рече дека нападите претставуваат ризик за безбедноста и стабилноста на целиот регион и затоа се закана за сите.
Регионалните тензии ескалираа од петокот, кога Израел започна координирани воздушни напади врз повеќе локации низ Иран, меѓу кои и воени и нуклеарни објекти, што го натера Техеран да започне одмазднички напади.
Израелските власти соопштија дека најмалку 24 лица се загинати, а стотици повредени во иранските ракетни напади од петокот.
Иран, од своја страна, соопшти дека најмалку 224 лица се загинати, а над 1.000 се ранети во израелските напади.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.