Муцунски во Италија: За нас членството во ЕУ е генерациска инвестиција
„Европската ориентација и вредностите на нашето општество се јасни и покрај многубројните предизвици и неправди во текот на нашето децениско патување.“

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, учествуваше на министерската конференција по повод одбележувањето на 70-годишнината од Конференцијата во Месина, која се одржа во Таормина, Италија, пренесува Анадолу.
Муцунски, како што соопшти Министерството, имал обраќање на конференцијата на која беше поканет од италијанскиот колега Антонио Тајани.
Конференцијата ги обедини министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија, земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство.
Во своето обраќање министерот Муцунски нагласил дека процесот на интеграција на земјата во ЕУ претставува генерациска заложба и сеопфатен потфат за општествена трансформација и демократски и социоекономски напредок.
„За нас, членството во ЕУ е генерациска инвестиција – наш најамбициозен проект на трансформација, преку кој нашата демократија созрева, економијата расте, а општеството станува поправедно и поотпорно. Улогата на европската интеграција отсекогаш била клучна – двигател на промените и засилена соработка меѓу нас и со нашите европски соседи. Искрено верувам дека за нас и за регионот тоа е единствен одржлив пат што може да гарантира мир, просперитет и демократски напредок“, истакнал Муцунски.
Тој ја реафирмирал цврстата посветеност на земјата кон забрзување на евроинтегративниот процес:
„Европската ориентација и вредностите на нашето општество се јасни и покрај многубројните предизвици и неправди во текот на нашето децениско патување. Она што сега го очекуваме е предвидлив процес на пристапување – патека што ќе ни овозможи да ја постигнеме целта врз основа на јасни критериуми и заслуги, а не на билатерализација и идентитетски отстапки“, додаде тој.
Муцунски во своето обраќање ја потенцирал и важноста од поголема предвидливост и динамика во интеграцијата на Северна Македонија и земјите од регионот во ЕУ, укажувајќи на потребата од уште поголема одлучност и единство на европско ниво во актуелниот геополитички контекст.
Во рамките на дводневната конференција усвоена е и заедничка декларација со која се потврдува стратегиската важност на проширувањето на Унијата како инструмент за стабилност, раст и соработка на континентот и во неговото соседство.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.