свет

Финска ќе продолжи со договорот за израелски ракети и покрај геноцидот во Газа

- „Доколку сега се откаже договорот за ракетниот систем, ќе се вратиме на почеток. Обезбедувањето на потребната противвоздушна одбранбена способност би се одложило за неколку години.“

Aysu Biçer  | 12.08.2025 - Обновена : 12.08.2025
Финска ќе продолжи со договорот за израелски ракети и покрај геноцидот во Газа

ЛОНДОН (АА) – Министерот за одбрана на Финска, Анти Хаканен, изјави дека нема потреба од нови насоки за трговијата со оружје со Израел, и покрај тоа што војната во Газа продолжува, јавува Анадолу.

Неговата изјава следуваше откако Германија објави дека ќе го суспендира извозот на воена опрема што Израел би можел да ја користи во конфликтот.

„Со години, од Финска во Израел не е извезено вистинско оружје, а другиот извоз на одбранбени производи и производи со двојна употреба исто така беше многу ограничен. Поединечниот извоз главно беше разновидна опрема поврзана со заштитата. Ниту, пак, се планираат нови извозни отворања кон Израел“, изјави Хаканен за финскиот радиодифузер ЈЛЕ во е-пошта.

Тој нагласи дека купувањата на оружје на Финска од Израел се „исклучително важни, од висок квалитет и многу добро приспособени“ за одбранбените сили на земјата.

Најголемиот договор е за системот за противвоздушна одбрана „Давидова прачка“, израелски ракетен одбранбен систем кој, според министерот, е „клучно важен дел од воздушната одбрана на Финска“ бидејќи ги заменува капацитетите кои се повлечени.

Според Хаканен, не се водат разговори за откажување на договорот.

„Доколку сега се откаже договорот за ракетниот систем, ќе се вратиме на почеток. Обезбедувањето на потребната противвоздушна одбранбена способност би се одложило за неколку години.“

„Финска исто така би морала да плати значителни договорни казни. Со други зборови, парите би отишле во Израел, но Финска нема да ја добие потребната воздушна одбрана“, рече тој.

Извозот на оружје од Финска во Израел последните години бeшe скромен, со годишни дозволи од околу 153.000 до 1,1 милион долари, претежно за електроника и заштитна опрема, наведува ИЛЕ (JLE).

Во 2024 година, сепак, вредноста на дозволите за извоз се зголемила на речиси 19 милиони долари, главно поради еден договор за софтвер од компанијата „Инста груп“.

Израелската Армија ги продолжи нападите врз Појасот Газа на 18 март и оттогаш се убиени најмалку 10.078 Палестинци, а повредени се 42.047, кршејќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.

Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.