свет

Тримесечно бебе почина од глад во Газа

– Тримесечното бебе Јахја ал-Наџар почина во болница во Газа откако четири дена живеело без адаптирано млеко, а родителите го хранеле само со чај од анасон – традиционален билен чај – очајно обидувајќи се да го одржат во живот

Mohammad Sıo  | 22.07.2025 - Обновена : 23.07.2025
Тримесечно бебе почина од глад во Газа

ГАЗА/ ИСТАНБУЛ (АА) – Тримесечното бебе Јахја ал-Наџар почина во болница во Газа откако четири дена живеело без адаптирано млеко, а родителите го хранеле само со чај од анасон – традиционален билен чај – очајно обидувајќи се да го одржат во живот, јавува Анадолу.

Според сведоштвата на родителите за Анадолу, тие не успеале да најдат млеко или нутритивни додатоци бидејќи ништо не било достапно во блокираната енклава.

Телото на бебето покажувало знаци на тешка неисхранетост – надуен стомак и изразени ребра – по што било примено на интензивна нега, каде што починало од глад вечерта во сабота.

Министерството за здравство на Газа во неделата соопшти дека од октомври 2023 година, кога Израел ја засили блокадата и го ограничи пристапот до хуманитарна помош, 86 Палестинци починале од глад и неисхранетост, меѓу кои 76 деца.

Министерството соопшти дека 18 лица починале од глад во последните 24 часа, нарекувајќи ја ситуацијата „тивок масакр“ што се одвива под долготрајната опсада.


- Билен чај наместо адаптирано млеко

Мајката на Јахја за Анадолу изјави дека последните четири дена бебето пиело само вода и чај од анасон бидејќи немале адаптирано млеко.

„Цело време си ја цицаше раката“, рече таа низ солзи, опишувајќи го гладот на своето дете.

Лекарите констатирале неисхранетост според симптомите, како дијареја и надуен стомак. Нивото на шеќер во крвта на бебето нагло се намалило, а неговата состојба се влошила.

Кога било примено во болница, го хранеле со млеко што го обезбедила установата и тогаш му се подобрила состојбата. Но неговата состојба повторно се влошила бидејќи веќе немало резерви.


- Почина од неисхранетост

Чичкото на бебето, Анан ал-Наџар, изјави дека Јахја уште од раѓање го хранеле само со вода и чај од анасон поради недостиг на млеко.

„Три месеци нема млеко за бебиња во Газа“, рече тој. „Што згреши ова дете за да умре само затоа што немаше кој да му донесе млеко?“

Тој потврди дека бебето Јахја немало други здравствени проблеми освен неисхранетост. Неговата мајка, исто така, страда од глад поради што не можела да го дои.

Ал-Наџар ја повика меѓународната заедница итно да дејствува и да достави млеко за бебиња за да се спречат нови смртни случаи.

Бебето завиткано во бел чаршаф до гробот го носеше неговиот татко Фади ал-Наџар. Таткото не беше во можност да зборува, плачеше тивко додека го спушташе своето бебе.


- Група за човекови права: Во тек е политика на изгладнување

Мониторот за човекови права Евро-мед соопшти дека Јахја е 75 дете во Газа што починало од глад или од недостиг на млеко.

Групата објави видео од неговото слабо тело со надуен стомак и изразени коски, нарекувајќи ја неговата смрт доказ за „намерна политика на изгладнување“ против 2,4 милиони жители на Газа.

Според Евро-мед, непосредно пред Јахја под исти услови починало уште едно бебе од само 35 дена.

„Ова нема да бидат последните деца што ќе починат доколку не престане оваа политика на изгладнување“, предупреди Евро-мед.


- Дури и возрасните се онесвестуваат од глад

Од Евро-мед додаваат дека од глад не се погодени само децата туку и жените и постарите лица што „паѓаат во несвест од тешка неисхранетост“.

„Прашање на време е кога ќе станеме сведоци на масовни смртни случаи од глад“, се наведува во нивното соопштение.

Во текот на изминатата недела палестинските активисти веќе документираа случаи на луѓе што паѓаат на улиците од глад, а дописникот на Анадолу во Газа сведочи дека и лично ги чувствува последиците од гладот.

Од 2 март Израел ги затвори сите премини во Газа, при што е блокирано доставувањето храна, медицинска и хуманитарна помош.

Според владината Канцеларија за медиуми на Газа, околу 650.000 деца се изложени на ризик да починат од глад и неисхранетост, а околу 60.000 бремени жени се соочуваат со сериозни ризици поради недостиг на храна и основна здравствена заштита.

Израел уби над 59.000 Палестинци, повеќето жени и деца, во Појасот Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја разори енклавата, го уништи здравствениот систем и доведе до сериозен недостиг на храна.

Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со случај на геноцид во Меѓународниот суд за правда за неговата војна во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.