Средба Муцунски-Герапетритис во Атина: Унапредување на билатералните односи и заеднички напори за евроинтеграцијата
- Министрите потенцираа дека почитувањето на меѓународното јавно право останува императив за двете земји, а билатералните односи ќе се засноваат врз меѓусебно разбирање како соседи и сојузници во НАТО.

СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во рамките на работната посета на Грција денес се состана со шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, јавува Анадолу.
Двајцата министри, како што беше истакнато, изразија задоволство од средбата во период кога двете земји посветено работат на унапредување на билатералните односи.
Муцунски и Герапетритис имаа отворен разговор и размена на мислења за повеќе прашања од заеднички интерес, со посебен фокус на регионалната безбедност, инфраструктурата, економската соработка и евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
Муцунски се заблагодари за солидарноста што Грција ја покажа по трагедијата во Кочани и неодамнешните итни состојби во близина на Дојран.
„Тоа не беа само гестови на помош – туку вистински дела на пријателство“, рече министерот.
Двајцата министри разговараа и за заедничкото дејствување во рамките на НАТО и потребата од блиска координација во овие неизвесни времиња.
Наедно, министрите се осврнаа и на процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Во оваа насока министерот Герапетритис ја нагласи силната поддршка за нашиот евроинтеграциски пат.
„Сакам уште еднаш да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, врз основа на воспоставените условности и принципот на сопствени заслуги, со посебен фокус на основните критериуми“, нагласи грчкиот министер Герапетритис.
На крајот министрите потенцираа дека почитувањето на меѓународното јавно право останува императив за двете земји, а билатералните односи ќе се засноваат врз меѓусебно разбирање како соседи и сојузници во НАТО.
Фокусот на средбата бил ставен на економската соработка, како и на соработката во делот на инфраструктурата и енергетиката, при што министерот Муцунски по средбата посочи:
„Нашиот фокус беше и на резултатите што носат придобивки за граѓаните. Инвестиции. Трговија. Инфраструктура. Енергија. Разговаравме за проекти како Kоридорот 10 и гасниот интерконектор – не само како технички проекти туку како двигатели на раст, безбедност и регионална поврзаност.“