ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, изјави дека напорите на САД и Израел за ставање крај на нуклеарната програма на Техеран се „залудни“, нарекувајќи ја „илузија“ идејата за нејзино прекинување и најавувајќи продолжување на збогатувањето на ураниумот во рамките на меѓународното право, објави денес полуофицијалната иранска агенција Тасним, пренесува Анадолу.
„Овие напори се засноваат врз илузија“, рече Пезешкијан во интервјуто за катарската телевизија Ал Џезира, повикувајќи се на тврдењата дадени од американски официјални лица, вклучително и претседателот Доналд Трамп, дека нуклеарната инфраструктура на Иран е неутрализирана.
„Нуклеарниот капацитет е во умовите на нашите научници, а не во нашите објекти“, вели тој.
Претседателот ја потврди долгогодишната позиција на Иран дека не настојува да развие нуклеарно оружје, повикувајќи се на политички, верски и стратегиски принципи.
„Категорично го отфрламе поседувањето нуклеарно оружје“, рече тој.
„Ова е нашата политичка, религиозна, човечка и стратегиска позиција“, додаде тој.
Претседателот посочи дека Иран останува отворен за дипломатски дијалог, но преговорите мора да го признаат правото на Иран да збогатува ураниум за цивилна употреба.
„Идните преговори мора да се водат врз основа на логиката на обострана корист“, порача Пезешкијан.
Во однос на Израел, претседателот издаде сериозно предупредување, велејќи дека Иран е подготвен да одговори со сила на секој иден напад.
„Целосно сме подготвени за каква било израелска воена акција и нашите сили се подготвени повторно да возвратат длабоко во окупираните територии“, рече тој.
Претходно преговорите меѓу Иран и САД се водеа преку посредници од Оман сè до ненадејниот напад на Израел на 13 јуни, кој предизвика 12-дневна војна со напади врз воени, нуклеарни и цивилни цели во Иран, при што се убиени високи воени функционери и научници.
Иран одговори со напади со ракети и беспилотни летала врз израелски воени и разузнавачки објекти.
Иран ги обвини САД за соучесништво во нападот, при што САД, исто така, извршија напади врз три големи ирански нуклеарни објекти, тврдејќи дека ги уништиле.
На 23 јуни беше објавен прекин на огнот меѓу двете земји со посредништво на САД.
Нов круг нуклеарни преговори меѓу Иран и трите европски земји, Велика Британија, Франција и Германија, е закажан за петок во Истанбул.
news_share_descriptionsubscription_contact
