свет

Трамп објави дека е формиран Одбор за мир за Газа

„Членовите на oдборот ќе бидат објавени наскоро, но со сигурност можам да кажам дека ова е најголемиот и најпрестижниот одбор што некогаш бил составен, во кое било време и на кое било место“

Diyar Güldoğan  | 16.01.2026 - Обновена : 16.01.2026
Трамп објави дека е формиран Одбор за мир за Газа

ВАШИНГТОН (AA) – Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е формиран Одбор за мир за Појасот Газа, јавува Анадолу.

„Ми претставува голема чест да објавам дека Одборот за мир е формиран“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут Соушал.

„Членовите на oдборот ќе бидат објавени наскоро, но со сигурност можам да кажам дека ова е најголемиот и најпрестижниот одбор што некогаш бил составен, во кое било време и на кое било место“, додаде тој.

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф во средата соопшти дека започнала втората фаза од договорот за прекин на огнот, како дел од планот на Трамп од 20 точки за завршување на војната во Газа.

Во посебна објава Трамп истакна дека следната фаза од неговиот план „официјално“ започнала.

„Како претседавач на Одборот за мир, ја поддржувам новоименуваната Палестинска технократска влада - Национален комитет за управување со Газа, поддржан од високиот претставник на Одборот - која ќе управува со Газа за време на транзицискиот период“, наведе Трамп.

Тој додаде дека овие палестински лидери се „непоколебливо посветени на мирна иднина“.

Трамп истакна дека ќе биде обезбеден „сеопфатен договор за демилитаризација“ со Хамас, со поддршка на Египет, Турција и Катар.

Според него, со предложениот договор ќе се бара палестинската група да го предаде оружјето и да ја разбие мрежата од тунели.

„Хамас мора веднаш да ги почитува своите обврски, вклучително и враќањето на последното тело во Израел и без одлагање да пристапи кон целосна демилитаризација. Како што реков и претходно, тоа може да го направат на лесен или на тежок начин“, порача Трамп.

„Народот на Газа страда предолго. Времето е сега“, додаде тој.

Во септември Трамп објави план од 20 точки со кој се предвидува рамка за прекин на огнот, вклучително и ослободување на израелските заробеници, повлекување на Израел од Газа, формирање технократска администрација и распоредување меѓународни стабилизациски сили, заедно со барање Хамас да се разоружи.

Од октомври 2023 година досега Израел уби повеќе од 71.400 Палестинци, главно жени и деца, а повреди над 171.300 во бруталната офанзива што ја остави Газа во урнатини.

И покрај прекинот на огнот што стапи во сила на 10 октомври, Израел продолжи со нападите, при што се убиени 451 Палестинец, а повеќе од 1.200 се ранети, според Министерството за здравство во Газа.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.