Кинескиот претседател повика на „глобална солидарност и соработка“ во услови на тензии меѓу САД и Иран
„Поделбите, конфронтацијата и игрите со нулта збир немаат иднина, а враќањето на светот кон законот на џунглата не е она што луѓето сакаат да го видат“
ИСТАНБУЛ (AA) – Кинескиот претседател Си Ѓинпинг денес повика на „глобална солидарност и соработка“ во услови на зголемени тензии меѓу САД и Иран, како и по приведувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на Вашингтон, јавува Анадолу.
„Поделбите, конфронтацијата и игрите со нулта збир немаат иднина, а враќањето на светот кон законот на џунглата не е она што луѓето сакаат да го видат“, изјави Си.
Кинескиот претседател се обрати на настан во Пекинг, каде што ги прими акредитивите на 18 нови амбасадори, соопшти државната новинска агенција Синхуа.
Светот денес „преживува забрзани промени во размер што ретко се гледа во еден век, при што меѓународниот пејзаж е оптоварен со трансформација и турбуленции, а глобалните предизвици стануваат сè поизразени“, рече Си.
Изјавите на Си доаѓаат во време на континуирани тензии меѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и Техеран, по протестите во Иран чиј интензитет, според извештаите, во последните денови се намалува.
Американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме го ублажи тонот кон Иран откако Белата куќа вчера соопшти дека иранските власти „запреле“ 800 закажани егзекуции во екот на неколкунеделните протести, додавајќи дека Вашингтон „внимателно ја следи“ состојбата.
Иранските власти ги обвинија САД и Израел за поддршка на „немири“ и „тероризам“ поврзани со протестите.
На седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации вчера Кина повторно ја потврди својата поддршка за суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на Иран.
„Кина постојано се залага за почитување на целите на Повелбата на ОН и меѓународното право и се спротивставува на употребата или заканата со сила во меѓународните односи“, изјави кинескиот амбасадор во ОН, Сун Леј, за време на дебатата за состојбата на Блискиот Исток.
Иранските институции сè уште немаат објавено официјални податоци за бројот на жртви и приведени лица. Според процените на Новинската агенција на активисти за човекови права (ХРАНА), организација со седиште во САД, загинале повеќе од 2.600 лица, меѓу кои и демонстранти и припадници на безбедносните сили.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
