Поранешниот фински претседател предупреди дека спорот околу Гренланд не смее да значи крај на НАТО
„Никој не можеше да замисли дека главната членка на НАТО би се заканувала со инвазија на територијата на друга земја членка“
ИСТАНБУЛ (AA) – Поранешниот претседател на Финска, Саули Нинисто, изјави дека тензиите поврзани со Гренланд не смее да доведат до распад на НАТО, пренесува Анадолу.
„Никој не можеше да замисли дека главната членка на НАТО би се заканувала со инвазија на територијата на друга земја членка“, изјави Нинисто вчера за финската телевизија МТВ, осврнувајќи се на повеќекратните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД треба да го анектираат Гренланд – полуавтономна територија на Данска.
Нинисто, кој го надгледуваше пристапувањето на Финска во НАТО пред да ја напушти функцијата минатата година, нагласи дека алијансата мора да опстане, дури и доколку Вашингтон води агресивна политика кон Гренланд.
„Да го земеме НАТО во европски раце или да се обидеме да добиеме време со надеж дека нешто ќе се смени во САД“, рече тој
Последниве денови Трамп повторно истакна дека на САД „им е потребен Гренланд“ и не ја исклучи можноста за употреба на воена сила за да се постигне таа цел.
Дански и гренландски официјални претставници оваа недела ја посетија Белата куќа во обид да ги намалат тензиите, но американскиот претседател го задржа својот став и по разговорите.
Нинисто предупреди и дека секоја воена акција против Гренланд би можела да ја активира клаузулата за меѓусебна помош на Европската Унија, предвидена со Лисабонскиот договор.
- Можни заеднички воени сили на ЕУ -
Во моментов Нинисто претседава со работна група што подготвува извештај за тоа како Европа би можела да ја гарантира сопствената безбедност без учество на САД.
Студијата, која треба да биде објавена во март од Центарот за европски политички студии (CEPS) со седиште во Брисел, се очекува да ја отвори можноста за формирање заедничка европска воена сила.
Тој истакна дека извештајот е итно потребен и изрази надеж дека европските влади сериозно ќе ги разгледаат неговите препораки.
Во меѓувреме, финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен се обиде да ја намали загриженоста околу итноста на кризата, наведувајќи дека „не постои акутна вонредна состојба“.
Говорејќи за јавниот сервис Јле, Валтонен потврди дека Финска била поканета да учествува во воени вежби на Гренланд и дека поканата сè уште се разгледува.
Таа нагласи дека вежбите би биле ограничени по обем и би можеле подоцна да го вклучат и НАТО, додавајќи дека сите воени подготовки треба да се спроведуваат во рамките на алијансата.
Неколку европски земји, меѓу кои Франција, Шведска и Норвешка, во последниот период распоредија мали воени контингенти или офицери на Гренланд, поради зголемената загриженост за безбедноста во Арктичкиот Регион.
