Трамп не ја исклучува можноста за воена акција за Гренланд
- „Не ја исклучувам таа можност“, изјави Трамп во интервју за „Ен-би-си“, емитувано во рамки на програмата „Мит д прес“. „Не велам дека ќе го направам тоа, но не исклучувам ништо“, истакна американскиот претседател Доналд Трамп

ИСТАНБУЛ
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата ja повтори заканата за користење воена сила за анексија на Гренланд, јавува Анадолу.
„Не ја исклучувам таа можност“, изјави Трамп во интервју за „Ен-би-си“, емитувано во рамки на програмата „Мит д прес“. „Не велам дека ќе го направам тоа, но не исклучувам ништо.“
„Гренланд ни е многу потребен“, рече тој, додавајќи дека данската самоуправна територија е потребна за „меѓународна безбедност“.
„Гренланд е многу мал број луѓе, за кои ќе се грижиме и ќе ги цениме“, рече Трамп.
- Интересот на Трамп за Гренланд
Од неговото враќање во Белата куќа во јануари, Трамп постојано го изразува интересот за стекнување сопственост врз Гренланд, и покрај неколкуте отфрлања од страна на Данска.
Гренланд, кој географски е лоциран меѓу Арктичкиот и Атлантскиот Океан, е дел од Кралството Данска уште од 18 век, а во 1979 година доби самоуправа. Островот е богат со минерални ресурси и има важна стратешка положба.
И Данска и властите во Гренланд категорично одбија какви било предлози за продажба на територијата. Истражувањето спроведено во јануари покажа дека 85 отсто од населението на Гренланд се противи на каква било идеја за приклучување кон САД.
Во март, избраниот премиер на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, ги повика европските земји да застанат во одбрана на територијата, нагласувајќи дека Гренланд „не е на продажба“.
„Застанете со нас и испратете јасна порака дека Гренланд не е и никогаш нема да биде на продажба. Гренланд го водат граѓаните на Гренланд, и тоа никогаш нема да се промени“, изјави Нилсен за Анадолу.