Охрид, бисерот на Северна Македонија, и оваа година подготвен да ги пречека туристите од цел свет
Со своите калдрмени улички, антички храмови, џамии со вековна историја и зачудувачка природна убавина, градот продолжува да ги маѓепсува посетителите од целиот свет

ОХРИД (АА) - Сместен на брегот на едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, Охрид гордо стои како духовен и културен бисер на Балканот, јавува Анадолу.
Со своите калдрмени улички, антички храмови, џамии со вековна историја и зачудувачка природна убавина, градот продолжува да ги маѓепсува посетителите од целиот свет.
Градот, кој брои околу 42.000 жители, претставува главен административен и туристички центар, при што и оваа година ги завршува подготовките за новата летна сезона и ги отвора вратите за посета.
- Град под заштита на УНЕСКО -
Охрид е еден од ретките градови во светот што истовремено е заштитен од УНЕСКО како светско културно и природно наследство.
Охридското Езеро е најголемо и најзначајно природно езеро во Северна Македонија, најстаро во Европа и, од биолошки аспект, најзначајниот стагнантен воден екосистем на континентот.
Се одликува со богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина.
Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО.
- 365 цркви, џамии и манастири – сведоштва на вековната духовност
Легендата вели дека Охрид има по една црква за секој ден во годината – иако денес не постојат толку многу, десетици цркви, манастири и џамии сведочат за значењето на градот како духовен центар.
Најпрепознатлива е црквата „Свети Јован Канео“, сликана на милиони разгледници, што се издигнува над езерото и ја нуди една од најубавите глетки на Балканот.
Во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, подигнат од Свети Климент Охридски во 9 век, се верува дека била основана првата словенска универзитетска школа. Тоа е место на кое се пишувала историјата на писменоста и верата за целиот словенски свет.
Во срцето на Старата чаршија, со исто толкава духовна и историска тежина, се наоѓа Али-пашината џамија, за која се претпоставува дека е изградена во 16 век, а денес обновена и отворена за посетители. Нејзиното минаре се издигнува над калдрмата како симбол на исламската традиција во градот.
Овие верски споменици, христијански и муслимански, сведочат за вековниот верски соживот и почит меѓу различните заедници кои и денес мирно коегзистираат во Охрид.
- Магијата на охридската Стара чаршија, езерото и вкусот на спокојот -
Старата охридска чаршија е живо срце на градот. Мирисот на кафе, звукот на чекорите по калдрмата, занаетчиските дуќани што продаваат филигран, охридски бисери и рачно изработени сувенири – сето тоа создава неповторливо искуство.
Во утринските часови, додека езерото сјае под првите сончеви зраци, чамците тивко се нишаат како да лебдат, создавајќи чувство на спокој кај жителите и посетителите на градот.
На езерскиот брег, кафе-баровите и рестораните нудат мир и гастрономски задоволства, додека прошетките покрај водата го дополнуваат доживувањето на еден совршен ден во Охрид.