Скриените рани на араканските жени: Бебиња родени како резултат на силување
Араканските жени и девојчиња кои останаа бремени како резултат на силување не ги прифаќаат своите деца поради доживеаниот ужас и стравот од исклучување од општеството.

Ankara
УКИЈА (AA) - Муслиманските жени и девојчиња од Аракан кои останале бремени како резултат на силувањата на војниците во Мјанмар, во камповите во кои се засолнија во Бангладеш вршат абортус со лекови, или ги породуваат своите деца на еден тивок начин, јавува Anadolu Agency (AA).
Жените и децата најмногу се загрозени од насилството кое со години се врши врз муслиманите во мјанмарската област Аракан, а кое се интензивира од 25 август минатата година.
Овие жени и девојчиња кои беа сведоци на бруталното масакрирање на повеќе членови на нивните семејства, изложени се на бројни бранови на етничко чистење и на силувања кои во војна се користат како оружје. Тие беа принудени да се засолнат во Бангладеш со сè уште неродените деца на мјанмарските војници кои ги силуваа.
Араканските жени и девојчиња кои останаа бремени како резултат на силување не ги прифаќаат своите деца поради доживеаниот ужас и стравот од исклучување од општеството.
Не може да се утврди бројот на децата кои се родиле во камповите во Бангладеш како резултат на силување, бидејќи овие жени не можат да зборуваат поради стравот и срамот.
- „Мојот живот нема некоја смисла“
Жените жртви на силување, за Новинската агенција „Асошијетед прес“ (Associated Press) го раскажаа она што го доживеале.
Една жена која сакаше да го даде само иницијалот на своето име, М., раскажа дека мјанмарските војници ги запалиле некои куќи во нејзиното село. Оваа жена рече дека нејзините две ќерки успеале да побегнат, а дека таа била силувана од шест војници, додека се обидувала да го спаси својот двегодишен син.
M. нагласи дека кога дошле во Бангладеш, со нејзиниот сопруг откриле дека е бремена, и дека тој ја обвинил нејзе поради бременоста.
Истакнувајќи дека не го сака синот кој го родила, рече дека не му дала име на своето бебе кога се родило, и дека кога го гледа него се потсетува на ужасот кој го доживеала.
„Немам пари за да купам што било. Мојот сопруг не ме сака. Сакам само да умрам. Мојот живот нема некоја смисла“, нагласи таа.
- „Луѓето би ме осудиле“
Друга жена муслиманка од Аракан која останала бремена како резултат на силувањето на мјанмарските војници, се претстави како Д., и рече дека кога преминала во Бангладеш открила дека е бремена, и дека со лекови извршила абортус.
„Да бев принудена да го родам бебето, би се самоубила, бидејќи тоа ќе беше голем срам за мене. Луѓето би ме осудиле“, раскажа таа.
Од друга страна, една млада жена коja се претстави како Т., рече дека се обидела да ја крие својата бременост поради стравот да не биде разведена од својот сопруг. Таа нагласи дека кога била откриена оваа нејзина состојба, добила поддршка од него, кој рекол дека ова не е нејзина грешка, дека тоа е нејзина судбина и дека и таа не сакала да се случи тоа.
Т. истакна дека со лекот кој го добила од некои службеници извршила абортус.
Мал број од жените кои останале бремени како резултат на силување, рекоа дека ги сакаат своите деца, и дека се обидуваат да ги растат.
Овие жени бараат правда за да се осудат мјанмарските војници кои предизвикале жени муслиманки од Аракан да ја доживеат оваа болка.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.