наука и технологија

Студија: Никотинските кесички и вејповите доведоа до пораст на труењата кај деца во САД

Никотинските кесички предизвикуваат загриженост кај експертите за јавно здравје поради нивната дискретна употреба и растечката популарност кај тинејџерите...

Asiye Latife Yılmaz  | 14.07.2025 - Обновена : 16.07.2025
 Студија: Никотинските кесички и вејповите доведоа до пораст на труењата кај деца во САД

ИСТАНБУЛ (АА) - Зголемената употреба на никотински кесички и производи за вејпинг во Соединетите Американски Држави (САД) доведе до значително зголемување на случајните труења кај децата под шест години, открива студијата објавена денес во списанието „Педијатрикс“ (Pediatrics), јавува Анадолу.

Помеѓу 2010 и 2023 година американските центри за контрола на труење примиле 134.663 пријави за ингестија на никотин кај мали деца и доенчиња, вклучително и производи, како што се никотински кесички, тутун за џвакање, цигари, вејпови и течности за електронски цигари.

Иако повеќето труења поврзани со никотин се намалени по 2016 година, студијата покажа дека случаите поврзани со никотинските кесички се зголемиле за над 760% во периодот помеѓу 2020 и 2023 година, што претставува поголем ризик од другите производи што содржат никотин бидејќи нивната содржина на никотин е висока и брзо се апсорбира.

Повеќето деца закрепнале и имале благи симптоми, како што се гадење или повраќање, но студијата предупредува дека кај 1,2% настанале сериозни компликации, како напади или респираторна инсуфициенција, а две деца под две години починале по внесување течен никотин.

Никотинските кесички, мали кесички без тутун што содржат никотин, засладувачи и ароми, предизвикуваат загриженост кај експертите за јавно здравје поради нивната дискретна употреба и растечката популарност кај тинејџерите, а кои не се одобрени од Администрацијата за храна и лекови на САД како алатки за откажување од пушење.

Истражувачите повикаа на построги федерални регулативи за ограничување на маркетингот и вкусовите на никотинските кесички, потпирајќи се на регулативите, како што е Законот за спречување на труење со никотин кај децата од 2015 година, а наедно ги повикаа лекарите да бидат внимателни и да се борат за заштита на децата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.