Сирија објави приведување на член на „терористичка ќелија“ во Латакија
- Сириските власти денес соопштија дека член на „терористичка ќелија“ е приведен во северозападната покраина Латакија
ИСТАНБУЛ (АА) - Сириските власти денес соопштија дека член на „терористичка ќелија“ е приведен во северозападната покраина Латакија, известува Анадолу.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека лице по име Басел Иса Али Џамахири е приведен во селото Дувеир Ба'бада, во руралниот дел на Џаблех, под обвинение дека е член на ќелијата позната како „Сараја ал-Џавад“, поврзана со Сухеил ал-Хасан, поранешен командант на специјалните сириски сили.
Сириското министерство наведе дека е конфискувано оружје и муниција скриено на различни локации.
Сухеил ал-Хасан беше командант во армијата на соборениот режим на Асад и е широко познат како една од најповрзаните личности со репресијата врз Сиријците во годините на револуцијата, помеѓу 2011 и 2024 година. Нему му се припишува истакната улога во усвојувањето на политиката на режимот за насилно потиснување на народните протести, вклучително и употребата на барелни бомби.
Сириското министерство информира дека последното приведување е дел од безбедносна операција на Командата за внатрешна безбедност во покраината Латакија спроведена во среда.
Во средата сириските власти објавија заплена на импровизирани експлозивни направи и разни оружја за време на безбедносна операција насочена кон ќелијата „Сараја ал-Џавад“, што резултираше со приведување на еден член на ќелијата и неутрализирање на уште тројца.
Новата сириска администрација работи на заострување на безбедносните услови низ целата земја и гонење на остатоците од поранешниот режим обвинети за поттикнување безбедносни немири.
Башар ал-Асад, кој беше лидер на Сирија речиси 25 години, избега во Русија, со што заврши режимот на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година. Новата преодна администрација на Сирија, предводена од претседателот Ахмад ал-Шара, беше формирана во јануари.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
