Во терористичкиот напад врз џамија во Хомс, Сирија, убиени 8 лица, а 18 се повредени
Наџиб ал-Насан, директор на службите за итни случаи и брзата помош во Министерството, посочи дека „бројот на жртви не е конечен и веројатно ќе се зголеми“
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку осум лица загинаа, а 18 се повредени во експлозија во џамија во централниот сириски град Хомс за време на петочната молитва, соопшти Министерството за здравство, јавува Анадолу.
Наџиб ал-Насан, директор на службите за итни случаи и брзата помош во Министерството, посочи дека „бројот на жртви не е конечен и веројатно ќе се зголеми“.

Во соопштението издадено од Министерството за внатрешни работи се вели дека „терористичката експлозија“ била насочена кон џамијата Имам Али ибн Аби Талиб на улицата Ал-Ходари во населбата Вади ал-Дахаб.
Безбедносни единици веднаш беа испратени на местото на настанот, кои поставија безбедносен кордон околу подрачјето.
Специјализирани тимови започнаа истрага за нападот и собирање докази за идентификување на одговорните.
Ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.
Новата сириска администрација работи на заострување на безбедносните услови низ целата земја и на гонење на остатоците од поранешниот режим обвинети за поттикнување безбедносни немири.
Башар ал-Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, избега во Русија, со што заврши режимот на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година. Нова преодна администрација предводена од претседателот Ахмед ал-Шара беше формирана во јануари.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
