Семејство тагува по загубата на своето дете по израелскиот напад врз централна Газа
Најмалку 61.499 Палестинци се убиени во геноцидната војна на Израел во Појасот Газа од октомври 2023 година

СКОПЈЕ (АА) - Палестинските семејства во Појасот Газа продолжуваат да ги губат своите најблиски во континуираните напади на Израел, јавува Анадолу.
Семејство во централна Газа тагуваше по загубата на своето дете по израелските напади извршени вчера во Деир ал-Балах, чие тело беше донесено во болницата „Ал-Акса“.
Нападот се случи во време на континуираните израелски бомбардирања низ Појасот Газа, во кои од октомври досега се убиени и повредени илјадници луѓе.
Најмалку 61.499 Палестинци се убиени во геноцидната војна на Израел во Појасот Газа од октомври 2023 година, соопшти Министерството за здравство вчера (понеделник).
Во соопштението на Министерството се вели дека 69 тела, меѓу кои и едно извадено од урнатините, се донесени во болниците во последните 24 часа, а 362 лица се повредени, со што вкупниот број на повредени достигна 153.575 од почетокот на војната.
„Многу жртви сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се вели во соопштението.
Од Министерството се наведува дека во последните 24 часа се убиени 29 Палестинци, а 127 се повредени во израелските напади додека се обидувале да добијат хуманитарна помош, со што вкупниот број убиени Палестинци додека барале помош се искачи на 1.807, а повеќе од 13.021 се повредени од 27 мај.
Исто така, беше објавено дека пет лица, меѓу кои и едно дете, починале во изминатите 24 часа поради глад и неисхранетост.
Со ова, вкупниот број на смртни случаи од глад се искачи на 222, меѓу кои 101 дете, а хуманитарната криза во енклавата се зголемува.
Израелската армија ги продолжи нападите врз Појасот Газа на 18 март и оттогаш уби 9.989 луѓе, а повреди 41.534, со што го прекрши договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.