САД му се закануваат на Харвард дека ќе му ја одземат дозволата да прима странски студенти
„Харвард со своето поклонување пред антисемитизмот - под водство на своето кукавичко раководство - создава живо легло на екстремистички немири и ја загрозува нашата национална безбедност“, изјави секретарката за домашна безбедност на САД, Кристи Ноем

ИСТАНБУЛ (АА) - Министерството за домашна безбедност (DHS) денес упати закани до Универзитетот Харвард дека ќе му ја одземе дозволата за запишување странски студенти доколку институцијата не достави детални податоци за одредени странски студенти поврзани со неодамнешните пропалестински протести, јавува Анадолу.
„Харвард со своето поклонување пред антисемитизмот - под водство на своето кукавичко раководство - создава живо легло на екстремистички немири и ја загрозува нашата национална безбедност“, изјави секретарката за домашна безбедност Кристи Ноем.
Таа додаде дека „со антиамериканска, про-Хамас идеологија што ги труе кампусот и училниците, позицијата на Харвард како врвен универзитет е само бледа сенка од минатото.“
Ноем му даде на Харвард рок до 30 април да достави „детални досиеја за нелегалните активности и акти на насилство од странските студенти со студентски визи“.
Доколку не го стори тоа, предупреди, универзитетот ќе се соочи со итно губење на сертификатот за Програма за посета и размена на студенти.
Овој сертификат им овозможува на американските универзитети да издаваат документи неопходни за аплицирање за студентски визи.
Според податоците на Харвард, во академската 2024/25 година странци се 6.793 студенти, што претставува 27,2 отсто од вкупниот број запишани.
Предупредувањето на Ноем доаѓа по одлуката на администрацијата на Доналд Трамп во понеделникот да го суспендира федералното финансирање на Харвард од повеќе од 2,2 милијарди долари откако универзитетот одби да ги воведе политиките што ги бара Владата.
Меѓу барањата на администрацијата се и укинување на политиките за различност, еднаквост и инклузивност, како и блокирање на приемот на странски студенти што се сметаат за „непријателски кон американските вредности, вклучително и студенти што му даваат поддршка на тероризмот или антисемитизмот“.
Администрацијата го оправда замрзнувањето на финансирањето со тврдење дека универзитетите мора да ги почитуваат законите за граѓански права и да ја запрат дискриминацијата кон еврејските студенти, без да наведат конкретни примери.
Исто така, федерална работна група предупреди дека дошло време елитните универзитети сериозно да го сфатат овој проблем.
Во вторникот претседателот Трамп дополнително се закани дека на Харвард ќе му го одземе и тоа да биде ослободен од данок.
Администрацијата веќе започна постапка за укинување на визите на над 525 студенти, професори и истражувачи од повеќе од 80 универзитети низ САД, поради наводна поддршка на терористички организации и за прекршоци направени пред повеќе години.
Претходно оваа недела американските имиграциски власти го уапсија студентот на Универзитетот Колумбија, Мохсен Махдави, кој беше еден од главните организатори на пропалестинските протести.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, за „Њујорк тајмс“ изјави дека активизмот на Махдави „може да го поткопа мировниот процес на Блискиот Исток преку зајакнување на антисемитските чувства“.
Махдави уште во 2015 година добил зелена карта и тоа му овозможува постојан престој во САД.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.