САД: Демонстрантите ја запалија полициската станица во Минеаполис
Гневните демонстранти упаднаа во зградата на полицијата, истовремено на социјалните медиуми кружеше и видеоснимка на која извикуваа: „Како се вика? Џорџ Флојд“, а ги извикуваа и последните зборови на трагично починатиот Флојд: „Не можам да дишам!“

ВАШИНГТОН
Пожар синоќа избувна во зградата на Третата полициска станица во Минеаполис, за време на протестите во врска со смртта на Џорџ Флојд, Афроамериканецот кој почина откако при неговото приведување беше соборен на земја и притиснат на вратот од страна на полицаец, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гневните демонстранти упаднаа во зградата на полицијата, истовремено на социјалните медиуми кружеше и видеоснимка на која извикуваа: „Како се вика? Џорџ Флојд“, а ги извикуваа и последните зборови на трагично починатиот Флојд: „Не можам да дишам!“
Полицијата на Минеаполис ја напушти Третата полициска станица.
„Во интерес на безбедноста на нашиот персонал, полициската управа на Минеаполис го евакуираше нашиот персонал од Третата полициска станица. Демонстрантите насилно влегоа во зградата и предизвикаа неколку пожари.“
Последниот инцидент следуваше неколку часа откако окружниот државен правобранител Мајк Фриман изјави дека нема да избрзува со обвинението за четворицата полицајци кои учествуваа во приведувањето на Флојд кое заврши со трагичен исход.
„Видеоснимката е ужасна и грозна. Тоа никој не смее да го прави“, изјави Фриман.
„Но мојата работа е да докажам дека е прекршен кривичниот статут. Постојат и други докази кои не ја поддржуваат кривичната пријава“, додаде тој.
Повеќе од 500 војници на Националната гарда се активирани во Минеаполис, Сент Пол и околните заедници. Џејкоб Фреј, градоначалникот на Минеаполис, синоќа прогласи локална вонредна состојба поради граѓанските немири.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Твитер напиша дека во Минеаполис постои недостиг на лидерство.
„Не можам да стојам настрана и да гледам како му се случува ова на еден голем американски град, Минеаполис. Тотален недостиг на лидерство. Или слабиот градоначалник на радикалната левица, Џејкоб Фреј, да се организира и да го доведе својот град под контрола или ќе ја испратам Националната гарда и ќе ја завршам работата како што треба“, рече Трамп.
„Овие насилници го обесчестуваат споменот на Џорџ Флојд и нема да дозволам да се случи тоа. Само што разговарав со гувернерот Тим Валц и му реков дека војската е со него цело време. При секоја потешкотија ние ќе преземеме контрола, но кога започнуват грабежите, започнува и пукањето. Ви благодарам“, додаде тој.
Флојд (46) беше уапсен во понеделникот во Минеаполис, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеата од бруталното апсење беа објавени на социјалните медиуми. На видеото се гледа како полицијата го приведува со лисици и го соборува на земја, при што едниот од полицајците му го притиска вратот со колено. Од полицијата тврдат дека тој се спротивставувал на приведувањето.
Сепак, видеоснимката покажува дека тој соработува со полицијата.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати велеше дека не може да дише, службеникот не го тргна коленото од неговиот врат. Набргу потоа, се чинеше дека Флојд изгуби свест, но полицаецот ја задржа идентичната позиција кон жртвата. Тој починал за кратко време откако го однеле во болница.
Четворица полицајци се отпуштени поради убиството, а настанот предизвика масовни протести и негодување против полициската бруталност. Семејството на Флојд рече дека сака полицајците да бидат обвинети за убиство.
Смртта на Флојд има многу сличности со онаа на Ерик Гарнер, кој почина за време на неговото фатално апсење во 2014 година во Њујорк, а кој, исто така, неколкупати ѝ велел на полицијата дека не може да дише.