свет

Руте: Ветувањата за помош не ставаат крај на војната, зголемената поддршка за Украина е од суштинско значење

- „Императив е Украина да продолжи да ја добива воената, финансиската и хуманитарната помош што ѝ е потребна“, нагласи Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Melike Pala  | 24.02.2026 - Обновена : 24.02.2026
Руте: Ветувањата за помош не ставаат крај на војната, зголемената поддршка за Украина е од суштинско значење

БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, порача дека е неопходна континуирана и засилена поддршка за Украина, истакнувајќи дека ветувањата сами по себе нема да ја запрат војната меѓу Москва и Киев, која влегува во четврта година, јавува Анадолу.

Говорејќи на комеморативна церемонија во седиштето на НАТО во Брисел, Руте изјави дека Алијансата се собрала да одбележи „уште една тешка годишнина“ од, како што рече, четири години „немилосрдна војна“.

Тој повтори дека НАТО стои покрај Украина од почетокот на конфликтот и ќе продолжи да го прави тоа и покрај тековните предизвици.

„Императив е Украина да продолжи да ја добива воената, финансиската и хуманитарната помош што ѝ е потребна“, нагласи Руте, додавајќи дека таа поддршка е неопходна за да може Киев да се брани од руските напади и да ги задржи линиите на фронтот.

„Оваа поддршка е од суштинско значење. На Украина ѝ треба повеќе. Бидејќи ветувањето за помош не ја завршува војната. На Украина ѝ е потребна муниција денес и секој ден додека не престане крвопролевањето“, рече тој.

Руте изјави дека Москва „не успеала да ги постигне своите амбиции на бојното поле“, додавајќи дека Кремљ треба да покаже дали е сериозен во намерата за постигнување мир.

„Нивната (украинската) безбедност е наша безбедност. Не може да има вистински мир во Европа без вистински мир во Украина“, истакна тој.

Руте, исто така, ја нагласи потребата од силни украински вооружени сили и кредибилни безбедносни гаранции од партнерите, вклучително и Европа, Канада и САД, по завршувањето на борбите, со цел да се обезбеди траен мир.

Според него, таквите гаранции ќе ја обезбедат стабилноста неопходна за обнова на Украина и нејзин долгорочен просперитет.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın