свет

Германија исклучува „дополнителни отстапки“ кон Русија за војната во Украина

- „Пред сè, секако, Украина мора да биде таа што ќе зборува. Но и ние сме подготвени за разговор. Сепак, нема да пристигнеме во Москва и да правиме дополнителни отстапки. Нема да го сториме тоа“, рече Вадефул

Oliver Towfigh Nia  | 24.02.2026 - Обновена : 24.02.2026
Германија исклучува „дополнителни отстапки“ кон Русија за војната во Украина

БЕРЛИН (АА) - Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денес изјави дека неговата земја е начелно подготвена за разговори со Русија за одржлив мир во Украина, но категорично ја отфрли можноста за „отстапки“, јавува Анадолу.

„Пред сè, секако, Украина мора да биде таа што ќе зборува. Но и ние сме подготвени за разговор. Сепак, нема да пристигнеме во Москва и да правиме дополнителни отстапки. Нема да го сториме тоа“, рече Вадефул на украинскиот форум „Кафе Киев“, организиран од Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Берлин.

„Доколку престане пукањето, доколку постои сериозна подготвеност за разговори, тогаш сигурно ќе бидеме таму. Но, не го молиме него (рускиот претседател Владимир Путин), кажано отворено. Наместо тоа, очекуваме конечно да биде прифатена една од разумните понуди“, додаде тој.

Вадефул ги отфрли повиците од редовите на коалициската Социјалдемократска партија (СПД), кои предлагаат пристап кон Путин со понуда за разговори за прекин на огнот. „Не недостигаат канали за дијалог. Но ниту еден канал не помага ако тој не сака да разговара“, истакна министерот.

Шефот на германската дипломатија повеќепати повика на засилен притисок врз Москва со цел да се согласи на преговори за прекин на огнот.

„Германската позиција е многу јасна: мора да покажеме цврстина, мора одржливо да ја поддржиме Украина и мора да го правиме токму она што го правевме минатата година — да продолжиме да го зголемуваме притисокот врз Русија“, изјави Вадефул во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел во понеделникот.

„Затоа интензивно работиме на 20-тиот пакет санкции и уверен сум дека на крајот ќе бидеме успешни“, додаде тој.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın