свет

Русија објави список на „непријателски земји“, Северна Македонија една од нив

Владата на Руската Федерација им овозможи на руските граѓани и компании, како и на државите, регионите и општините кои имаат обврски во странска валута, да ги вратат во рубљи своите долгови кон доверителите од списокот на непријателски земји.

Elena Teslova  | 07.03.2022 - Обновена : 08.03.2022
Русија објави список на „непријателски земји“, Северна Македонија една од нив

МОСКВА (АА) - Руската Влада денес објави список на земји кои „вршат непријателски дејствија против Русија, руските компании и граѓани“, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Непријателските акции“ вклучуваат економски санкции воведени поради руско-украинската војна.

Според декретот објавен на веб-страницата на Владата, на списокот се Албанија, Андора, Австралија, Велика Британија, вклучувајќи ги Ангвила, Британските Девствени Острови, Гибралтар, земјите членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Микронезија, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Северна Македонија, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Црна Гора, Швајцарија и Јапонија.

Владата на Руската Федерација им овозможи на руските граѓани и компании, како и на државите, регионите и општините кои имаат обврски во странска валута, да ги вратат во рубљи своите долгови кон доверителите од земјите на списокот на непријателски земји.

За ова, должникот може да побара од руската банка да отвори посебна сметка во рубљи на име на странски доверител и да го плати еквивалентот во рубљи по курсот на Централната банка на денот на плаќањето.

Ова правило е привремено и се однесува на плаќања од повеќе од 10 милиони рубљи (околу 72.202 долари).

Нападот на Русија врз Украина, што започна на 24 февруари, предизвика гнев кај меѓународната заедница, а Европската Унија, Велика Британија, Канада, Јапонија и Соединетите Американски Држави (САД) воведоа економски санкции кон Москва.

Според Обединетите нации (ОН), оттогаш во Украина се убиени најмалку 364 цивили, а 759 се ранети.

Според Агенцијата на ОН за бегалци, повеќе од 1,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина и заминале во соседните земји.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.