Привремената претседателка на Венецуела ќе ги посети САД
Според висок функционер на Белата куќа, сè уште не е одреден датум за посетата на Родригез
ИСТАНБУЛ (АА) - Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, ќе ги посети САД, станувајќи првата актуелна венецуелска лидерка што го сторила тоа по повеќе од четвртина век, изјави висок американски функционер, сигнализирајќи промена во односите меѓу Вашингтон и Каракас, јавува Анадолу.
Според високиот функционер на Белата куќа, сè уште не е одреден датум за посетата на Родригез.
Родригез положи заклетва како привремна претседателка по американскиот воен напад на 3 јануари, што доведе до приведување на венецуелскиот лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, по месеци ескалација на тензиите околу наводната трговија со дрога.
Говорејќи вчера, Родригез рече дека пристапува кон дијалог со САД „без страв“, нагласувајќи ја дипломатијата како претпочитан пат за решавање на долготрајните спорови.
„Во процес сме на дијалог, на соработка со САД, без никаков страв, за да се соочиме со нашите разлики и тешкотии и да ги решиме преку дипломатија“, рече Родригез, која претходно беше потпретседателка и министерка за нафта.
Планираната посета сигнализира потенцијален пресврт во односите меѓу САД и Венецуела по години непријателство и санкции.
И покрај дипломатското отворање, Родригез останува под санкции на САД, вклучително и замрзнување на средствата.
Последната посета на актуелен венецуелски претседател на САД се случи во 1989 година, кога на власт беше тогашниот претседател Карлос Андрес Перез.
Претходно, Родригез им се обрати на пратениците за можноста да патува во Вашингтон, велејќи дека доколку биде потребно, таа ќе го претставува венецуелскиот народ „стоејќи исправено“ и со суверено достоинство.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
