Поранешниот италијански амбасадор во Анкара, Марсили: „Не гледам земја што би се опишала како диктатура“
„Во текот на мојата должност како амбасадор во Турција бев сведок на многу посети и ниту еднаш немав проблем со турскиот протокол. Искрено, тука нешто не е направено како што треба во протоколот на земјите членки на ЕУ...“

РИМ (АА) - БАРИШ СЕЧКИН -
Поранешниот италијански амбасадор во Анкара, Карло Марсили, рече дека е изненаден од изјавата на италијанскиот премиер, Марио Драги, упатена кон претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, што предизвика дипломатска криза меѓу двете земји, и истакна дека Турција не ја гледа како земја што може да се дефинира како „диктатура“.
Марсили, кој во периодот 2004-2010 година ја извршуваше должноста амбасадор на Италија во Анкара и одблизу ја познава Турција, за АА зборуваше во врска со дипломатската криза меѓу двете земји по изјавите на италијанскиот премиер, Марио Драги, за претседателот на Турција, Ердоган.
На прашањето во врска со изјавите на италијанскиот премиер Драги и остриот одговор што следуваше од страна на Турција, Марсили одговори: „Искрено кажано, ова е состојба што не ја очекував. Ова е изненадување и за мене, бидејќи односите меѓу Турција и Италија отсекогаш биле одлични. Сите ние, напорно работевме за да обезбедиме продолжување на политичката и економската соработка на секое поле, особено во насока на поддршката на Турција за влез во Европската Унија (ЕУ).“
Посочувајќи дека според него е потребно интензивирање на напорите во односите што се спроведуваат последниве години, Марсили рече: „Турција и Италија имаат многу заеднички точки, како што се Либија и Источен Медитеран. Поради таа причина, сметам дека во овој момент апсолутно не е потребна ваква криза. Мора да сториме сè што е можно во тој поглед, бидејќи тоа може да има негативни ефекти врз нашите односи.“
- „Не гледам земја што би се опишала како диктатура“ -
Поранешниот амбасадор Марсили во врска со изјавите на италијанскиот премиер Драги за претседателот Ердоган го рече следното: „Многу добро разбирам дека ова прашање во Турција е примено на крајно негативен начин.“
Потсетувајќи дека на почетокот од оваа криза претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, беа во посета на Анкара на 6 април, поранешниот амбасадор истакна дека страните можат заедно да ги решат проблемите поврзани со протоколот.
„Во текот на мојата должност како амбасадор во Турција бев сведок на многу посети и ниту еднаш немав проблем со турскиот протокол. Искрено, тука нешто не е направено како што треба во протоколот на земјите членки на ЕУ, бидејќи не може да се обвини само едната страна“, коментираше Марсили.
Осврнувајќи се на изјавата „диктатор“ што ја употреби Драги на прес-конференцијата одржана на 8 април, Марсили рече: „Случувањата ме изненадија. Искрено кажано, додека 9 големи градови во Турција се управувани од претставници на опозицијата, тука не гледам земја што би се опишала како диктатура. Која диктатура? Тука има работи што не се добро разбрани. Сега станува збор за решавање на проблемот меѓу нашите земји со одново започнување на политичкиот дијалог.“
Нагласувајќи дека Италија може моментот на кризата да го претвори во можност, Марсили истакна дека е потребно да се зголеми поддршката на Турција на европската сцена, и сите прашања што се однесуваат на преговарачките поглавја поврзани со политичкиот дијалог, демократијата и човековите права, што ЕУ ги држи затворени кон Турција, треба да ги држи отворени за да може да се овозможи подобро соочување.
- Дали има промена во политиката на Италија кон Либија?
На прашањето дали изјавите на Драги би значеле промена на политиката на Италија кон Либија, Марсили го рече следното:
„Не верувам дека може да има каква било политичка промена во политиката по прашањето за Либија. Во Либија сме на иста страна. Италија и Турција, ние отсекогаш ја поддржувавме легитимната влада на Триполи и мислам дека од она што може да се види, нема да има какви било промени во вистинска смисла.
Според мене, врската меѓу Турција и Италија во Либија треба дополнително да се зајакне.“
- „Овие кризи понекогаш можат да доведат до позитивни почетоци“ -
Изразувајќи надеж дека односите ќе бидат обновени со добра волја од обете страни, Марсили рече: „Мислам дека и Рим и Анкара се свесни дека е потребно да ја средат оваа врска која отсекогаш била за пример.“
Посочувајќи на трговско-економската размена меѓу двете земји, Марсили истакна: „Од друга страна, овие кризи понекогаш можат да отворат патишта за позитивни почетоци. Тоа може да овозможи одново започнување на односите меѓу двете земји, што верувам дека е апсолутно неопходно. Италија и Турција имаат меѓусебен обем на трговија во висина од 18 милијарди долари и 1.200 италијански компании работат во Турција.“
Посочувајќи дека односите меѓу Турција и Италија со работите што ќе се направат треба да се зајакнат, Марсили додаде: „Јас навистина не можам да замислам вистинска криза меѓу двете земји поради искажана фраза. Накратко, важно е тоа да се исправи со постапки.“