Пицата - светски познатиот гастрономски специјалитет на Италијанците
„Употребата на висококвалитетни состојки придонесе италијанската пица денес да биде еден од најпрепознатливите производи со ознаката ‘Made in Italy’ во светот“
РИМ/НЕАПОЛ (АА) – БАРИШ СЕЧКИН
Пицата, едно од најпознатите и најомилените јадења на Италијанците, чии корени датираат уште од антиката, денес не е популарна само во земјата во која настанала туку и низ светот, каде што се подготвува во различни варијанти и форми, пишува Анадолу.
Откако Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) во 2017 година ги вклучи пицата и уметноста на нејзиното правење во наполитански стил на Листата на нематеријално културно наследство, 17 јануари – ден на свети Антонио Абате, заштитник на италијанските пица-мајстори – секоја година се одбележува како Светски ден на пицата.
Иако нејзината историја води потекло од античките времиња, пицата ја добива денешната форма од 16 век наваму. Нејзиниот глобален успех се должи на едноставната основна форма на тесто, отвореноста кон комбинирање различни вкусови, како и способноста брзо да се адаптира на локалните кујни. Овие карактеристики ја вбројуваат пицата меѓу најконсумираните јадења во светот.

Новинарот на АА разговараше со експерти и познавачи за пицата, која е прифатена и сакана насекаде во светот.
Претседателот на Италијанската асоцијација на мајстори на пица (АПИ), Анџело Јеци, истакна дека развојот на пицата е резултат на долг процес.
„Италијанската пица настана како народно јадење подготвувано со малку и евтини состојки. Со текот на времето, благодарение на едукацијата на мајсторите на пица, истражувањата и експериментите со нови видови тесто, таа прерасна во глобална икона. Секако, употребата на висококвалитетни состојки придонесе италијанската пица денес да биде еден од најпрепознатливите производи со ознаката ‘Made in Italy’ во светот“, рече Јеци.
- „Годишната потрошувачка на пица во Италија изнесува околу 4 милијарди парчиња“ -
Според Јеци, пицата е уникатна поради комбинација на повеќе состојки.

Зборувајќи за потрошувачката, Јеци наведе дека според процените на АПИ за 2025 година, во Италија има околу 46.000 пицерии, а 17.000 од нив нудат и достава.
„Вкупната вредност на овој сектор се проценува на 17 милијарди евра, а годишната потрошувачка на пица изнесува околу 4 милијарди парчиња“, додаде тој.
- „Ги учиме пица-мајсторите што навистина значи работата што ја прават со рацете“ -
Во Неапол, кој се смета за родно место на пицата, сопственикот на историската пицерија „Да Микеле“, Серџо Кондуро, истакна дека нивниот локал работи од 1933 година.
„Со традиционалната пица, пицата со големина на тркало, како и типичните ‘маргарита’ и ‘маринара’, овде се роди целата наша приказна, која подоцна прерасна во симбол на историјата на пицата во светот“, рече Кондуро.
Тој нагласи дека добрата пица е резултат на баланс меѓу традицијата и иновацијата.
„Останавме верни на традицијата со нашиот посебен начин на ферментација и уникатни состојки, но отворени сме и за модерното и креативноста“, додаде тој.
Кондуро истакна дека посветуваат големо внимание на едукацијата на пица-мајсторите.

„Ги учиме што навистина значи работата што ја извршуваат со рацете – сите хемиски и физички процеси“, рече тој, објаснувајќи дека мајсторите се обучуваат да користат количество сол и квасец во зависност од влажноста на воздухот или временските услови.
- Како се подготвува наполитанската пица? -
Пица-мајсторот Бруно Монти од оваа историска пицерија го објасни процесот на подготовка на автентичната наполитанска пица.
„Тестото се состои од брашно, квасец, вода и сол. Се меси, се остава да одмори, а по 24 часа повторно се обработува на работната маса. Потоа се пече во фурна на температура од околу 400 до 450 степени. Поради тоа, наполитанската пица е помека во споредба со, на пример, поцврстата римска пица“, објасни Монти.
Тој додаде дека тестото се развлекува во голема, кружна форма, а при подготовката на пицата „маргарита“ се користат доматен сос, моцарела од кравјо млеко, пекорино од овчо млеко, малку маслиново масло и босилек.
„Оваа традиција ја одржуваме со години, токму онака како што нè научиле нашите мајстори“, рече Монти.
Меѓу посетителите на историската пицерија во Неапол е и Емили, која изјави дека пицата ѝ е едно од омилените јадења.
„Мислам дека ова е едно од најомилените јадења во светот, а особено ја сакам наполитанската пица поради свежината на доматите, едноставноста и сличноста со боите на италијанското знаме. Има многу видови пица, но оваа ми е омилена. Прекрасно е да се проба една од најпознатите пици во Неапол“, рече таа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
