Палестинците на Западниот Брег протестираа поради законот за смртна казна за палестинските затвореници
Демонстрациите се одржаа во повеќе градови, меѓу кои Рамала, Тубас, Наблус и Џенин на север, како и Хеброн на југ, по повиците од организациите за заштита на правата на затворениците
РАМАЛА / ИСТАНБУЛ (АА) - Стотици Палестинци протестираа денес низ окупираниот Западен Брег осудувајќи го новиот израелски закон со кој се предвидува смртна казна за палестински затвореници, јавува Анадолу.
Демонстрациите се одржаа во повеќе градови, меѓу кои Рамала, Тубас, Наблус и Џенин на север, како и Хеброн на југ, по повиците од организациите за заштита на правата на затворениците.
Демонстрантите носеа транспаренти со кои го осудуваат законот и повикуваат Израел да одговара за, како што наведоа, „прекршување на правата“ на палестинските затвореници.
Тие извикуваа и пароли против израелските политики и за поддршка на лицата што се наоѓаат во израелски затвор.
На протестите учествуваа поранешни затвореници, јавни личности и семејства на затворениците.
Контроверзниот закон беше усвоен синоќа во израелскиот парламент – Кнесет – со 62 гласа „за“ и 48 „против“. Премиерот Бенјамин Нетанјаху гласаше за поддршка на законот.
Во согласност со законот, смртната казна бесење ќе ја извршуваат службеници во затворот назначени од Израелската затворска служба, при што лицата вклучени во процесот ќе имаат анонимност и правен имунитет.
Во законот се предвидува и преместување на лицата осудени на смрт во специјални објекти, ограничување на посетите само на лица кои имаат дозвола како и на контактите со адвокатите, кои ќе се одвиваат исклучително преку видеокомуникација.
Дополнително, судовите ќе можат да изрекуваат смртни казни без барање од обвинителите, без потреба од едногласна одлука, односно со просто мнозинство.
Законот се однесува и на воените судови што ги разгледуваат случаите на Палестинци на окупираниот Западен Брег, а на министерот за одбрана му се дава право да даде мислење пред судот.
Во законот, исто така, се исклучува можноста за жалба по изрекувањето смртна казна, додека во одредени случаи казната може да биде заменета со доживотен затвор за затвореници во Израел.
Законот предизвика критики и во Израел. Околу 1.200 израелски јавни личности, меѓу кои нобеловци, поранешни воени функционери и поранешни судии на Врховниот суд, во февруари изразија силно противење, нарекувајќи го „морална дамка“.
Според палестинските и израелските организации за човекови права, во израелските затвори се наоѓаат повеќе од 9.500 Палестинци, меѓу кои 350 деца и 73 жени. Тие предупредуваат на случаи на тортура, глад и недостаток на медицинска грижа, што довело до десетици смртни случаи.
Од октомври 2023 година Израел ги засили мерките против палестинските затвореници паралелно со воената кампања во Појасот Газа, во која, според податоците на локалните власти, животот го загубиле повеќе од 72.000 лица, а над 172.000 се повредени, најмногу жени и деца.
