Палестинец со безживотно тело на бебе во рацете: „Ова е геноцид каков што доживеаја и муслиманите во БиХ“
„Ова не е војна, туку геноцид и етничко чистење. Дали овие деца фрлаа проектили врз Израел? Она што го доживуваме сега е исто како и геноцидот што го доживеаја муслиманите во Босна и Херцеговина.“

ДЕИР АЛ БАЛАХ (АА) - Израелската Армија продолжува да извршува брутални напади врз блокираниот Појас Газа веќе 45-ти ден по ред, јавува Анадолу.
Во нападите врз градот Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа е бомбардирана и куќата на семејството на Салих. За време на акцијата за пребарување и спасување, од урнатините на куќата беа извлечени телата на неколку лица, меѓу кои и телото на бебе.
Во акцијата се вклучија и голем број жители кои со свои раце копаа за да стигнат до луѓето под урнатините.
Жителите на Деир ал Балах истакнуваат дека куќата била бомбардирана без никакво предупредување и дека во нападот загинале повеќе од 15 лица.
Палестинец, кој во рацете го држеше безживотното тело на бебе, изјави дека Израел не прави разлика и убива невини деца во монструозните напади.
„Ова не е војна, туку геноцид и етничко чистење. Дали овие деца фрлаа проектили врз Израел? Она што го доживуваме сега е исто како и геноцидот што го доживеаја муслиманите во Босна и Херцеговина. Израел сака да ги убие сите луѓе во Газа, но и покрај тоа остануваме во нашата татковина. Нема да ја напуштиме Газа. Ќе продолжиме да се спротивставуваме и подготвени сме да умреме на нашата земја“, изјави овој Палестинец.
Тој решително повтори дека никогаш нема да ја напушти Газа без оглед на израелските напади.
„Нека нѐ нападнат со какво било оружје, нека користат нуклеарно оружје ако сакаат, но ние нема да одиме никаде на друго место од Газа. Дали ова девојче копаше тунели? Доколку Израел не воведеше ембарго на Газа, да можевме да комуницираме меѓу себе во Газа, ќе можевме да го извлечеме ова бебе живо од урнатините“, рече тој.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Властите во Газа вчера соопштија дека бројот на жртви од тековните израелски напади врз енклавата од 7 октомври се искачил на над 13.300, од кои 5.600 се деца, а 3.550 жени.
Бројот на загинати во Израел, според официјалните податоци, е околу 1.200.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.