Melike Pala
16 Декември 2025•Ажурирај: 19 Декември 2025
БРИСЕЛ (АА) – Европратеникот Матијаж Немец денес јавно ја претстави номинацијата на специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за окупираните палестински територии Франческа Албанезе, како и на лекарите од Појасот Газа, за Нобелова награда за мир за 2026 година, по нејзиното официјално поднесување до норвешкиот Нобелов комитет, пренесува Анадолу.
Според соопштението што Немец го сподели на социјалната мрежа X, номинацијата е потпишана од речиси 300 овластени предлагачи од 33 земји, меѓу кои Бразил, Јужна Африка, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Обединетото Кралство.
Немец истакна дека номинацијата претставува „израз на почит за храброста, напорите и истрајноста на поединци што ги бранат темелните човечки вредности во најтешки околности“ и дека таа „претставува придонес за мирот што ги надминува политичките поделби“.
Тој ја нагласи работата на Албанезе во заштитата на меѓународното право и човековите права, посочувајќи дека таа продолжува со својата мисија и покрај, како што рече, „силниот политички притисок“ и санкциите од Израел и САД.
„Франческа Албанезе ни држи огледало на сите нас и цврсто е посветена на меѓународното право и на темелите што ги изградивме како одговор на најголемиот масакр во историјата на човештвото – Втората светска војна“, изјави Немец.
Во номинацијата се вклучени и лекари од Газа, меѓу кои д-р Хусам Абу Сафија и д-р Сара ал-Сака кои, како што беше наведено, ги ризикуваат животите за да ја извршуваат својата медицинска должност во услови на вооружен конфликт.
„Со целосно уништена здравствена инфраструктура и акутен недостиг од основни потреби, тие секојдневно ги остваруваат вредностите на човечноста, солидарноста и мирот преку спасување животи и почитување на медицинската етика и тие заслужуваат вакво признание“, рече Немец.
Европратеникот нагласи дека глобалната кампања за оваа номинација упатува повик до меѓународната заедница и до политичките лидери низ светот, во сите околности да ги почитуваат меѓународното право, човековите права и човековото достоинство.
Од 10 октомври израелската армија изврши стотици прекршувања на прекинот на огнот, при што се убиени најмалку 391 Палестинец, а 1.063 се повредени, според најновите бројки на Министерството за здравство на Газа.
Израел уби повеќе од 70.600 Палестинци, повеќето жени и деца, а повредени се над 171.100 во нападите врз Газа од октомври 2023 година.