Кремљ: Русија сѐ уште не ја анализирала изјавата на ЕУ за безбедносни гаранции за Украина
Говорејќи на редовниот брифинг со новинарите во Москва, портпаролот Песков рече дека руското раководство досега имало увид само во медиумски написи што наводно ја цитираат содржината на документот
МОСКВА (АА) – Кремљ сѐ уште не ја разгледал заедничката изјава на лидерите на Европската Унија за безбедносни гаранции за Украина, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавува Анадолу.
Говорејќи на редовниот брифинг со новинарите во Москва, Песков рече дека руското раководство досега имало увид само во медиумски написи што наводно ја цитираат содржината на документот.
„Досега видовме само новински написи и нема да одговараме на нив. Сè уште не сме виделе никакви текстови. Откако ќе ги видиме, ќе ги анализираме“, рече тој.
Коментирајќи ја идејата за таканаречен „божиќен прекин на огнот“ со Украина, Песков нагласи дека Русија е насочена кон траен мир и не е подготвена да го замени со, како што рече, „краткотрајни и неефикасни решенија“.
„Нашата позиција е добро позната, доследна, транспарентна и разбирлива за Американците. Убедени сме дека е разбирлива и за Украинците. Доколку кај Украина постои или почне да доминира желба договорното решение да се замени со краткотрајни и неефикасни решенија, ние тешко дека сме склони да учествуваме во тоа“, истакна тој.
Портпаролот додаде: „Сакаме мир, а не примирје што ќе ѝ овозможи на Украина да здивне и да се подготви за продолжување на војната. Сакаме да ја запреме оваа војна, да ги постигнеме нашите цели, да ги обезбедиме нашите интереси и да гарантираме мир во Европа за во иднина. Тоа е она што го сакаме.“
По разговорите во Берлин, лидерите на ЕУ вчера издадоа заедничка изјава во која се наведуваат предложени безбедносни гаранции за Киев.
Според изјавата, гаранциите би вклучувале формирање европски предводена мултинационална сила за Украина, поддржана од „коалиција на подготвени“, со поддршка од САД.
Таа сила би имала задача да помогне во обновата на украинските вооружени сили, обезбедувањето на воздушниот простор и поморските области, како и спроведување операции на територијата на земјата.
Лидерите нагласија дека „меѓународните граници не може да се менуваат со сила“ и дека сите одлуки за евентуални територијални отстапки мора да ги донесе украинскиот народ и тоа дури по воспоставување сигурни безбедносни гаранции.
Во изјавата се наведува и дека одредени прашања треба да се решаваат исклучително во завршните фази од преговорите, а секое решение мора да обезбеди долгорочна безбедност на евроатлантскиот простор и одржување на одвраќачката улога на НАТО. Прашањата поврзани со ЕУ и НАТО, како што е наведено, треба да се разгледуваат директно од земјите членки.
На прашањето за датумот на последниот телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, Песков одговори дека разговорот бил „релативно неодамна“.
Еден ден претходно Трамп тврдеше дека неодамна разговарал со Путин.
„Проверете го датумот на нашата последна изјава за телефонски разговор. Општо земено, таа беше релативно неодамнешна“, објасни тој, прецизирајќи дека оттогаш немало натамошни телефонски разговори.
Последната изјава на Кремљ за разговор меѓу рускиот и американскиот лидер е од 16 октомври.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
