свет

Откриени уште 169 нерегистрирани детски гробови на место на црковен интернат во Канада

На местото на поранешен црковен интернат во Алберта, Канада, пронајдени се 169 гробови на деца кои ги нема во официјалната евиденција.

Seyit Aydoğan  | 03.03.2022 - Обновена : 26.01.2023
Откриени уште 169 нерегистрирани детски гробови на место на црковен интернат во Канада

ТОРОНТО

На местото на поранешен црковен интернат во Алберта, Канада, пронајдени се 169 детски гробови кои не се видливи во официјалната евиденција, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Сиднеј Халкроу, шефот на Првите Нации во Северна Алберта, на прес-конференција соопшти дека се откриени 169 детски гробници на местото на поранешен црковен интернат за време на тековната работа со подземен радар за скенирање и со дронови.

„Нашите мали воини чекаа да ги најдеме. Сега ќе се погрижиме да почиваат во мир. И еден гроб да се најде е премногу. Пронаоѓање на толку многу гробови е несфатливо“, рече со насолзени очи Сиднеј Халкроу.

Во мала просторија која припаѓа на Црковниот интернат „Св. Бернард“ пронајдени се гробови на 169 деца.

Киша Супернант, директор на Институтот за автохтона археологија при Универзитетот „Алберта“, истакна дека 54 гроба се наоѓаат веднаш до женскиот манастир, додека останатите 115 се пронајдени на градските гробишта.

Супернант, истакнувајќи дека некои членови на семејствата се исто така на списокот на оние кои починале во училиште, рече: „Секое од овие деца беше сакано во своето семејство, но никој не сноси одговорност за нивната смрт.“

Црковниот интернат „Св. Бернард“, отворен во 1894 година од страна на Римокатоличката црква, функционирал до 1961 година. Во некои записи е познат и како Црковен интернат „Грауард“.


‒ Пребарувањето ќе се врши уште на две различни точки

Во меѓувреме, ќе бидат извршени уште две пребарувања во областа Капавено Фирст Нејшн во близина на подрачјето каде што се пронајдени гробовите.

Артур Носки, шефот на Канцеларијата за услуги за деца и семејства „Трити 8“ соопшти дека пребарувањата ќе го опфатат местото на Англиканската црква и друго место каде што престојувале домородните службеници.

„Мислам дека оваа рана никогаш нема да зарасне. Се отвора одново и одново. Кога мислите дека ќе зарасне, повторно се отвора. Но важно е светот да види дека овие институции не се училишта. Сѐ додека нема одговори, нема да има лек за ова. Пред да започне помирувањето, треба да дојде вистината“, рече Носки.


‒ Првите гробови беа откриени во 2021 година

Нерегистрирани детски гробови во дворот на старо црковно училиште во Канада за првпат се откриени на 29 мај 2021 година, кога беа пронајдени остатоци од 215 детски тела во дворот на училиште во градот Камлупс, во канадската покраина Британска Колумбија.

На 24 јуни 2021 година, во градината на Интернатот „Мариевал“ во Саскачеван беа откриени гробови со остатоци од 751 детско тело, кои официјално не биле регистрирани.

Непријавени гробници со посмртните останки на 182 деца беа откриени во близина на некогашното Мисионерско училиште „Св. Јуџин“ во провинцијата Британска Колумбија, на 30 јуни 2021 година.

Домородното племе Пенелакут од Јужните Заливски Острови, на 12 јули 2021 година објави дека на подрачјето на интернатот на Црковното училиште „Купер“ во истата канадска покраина биле пронајдени повеќе од 160 „нерегистрирани и необележани“ гробови.

Последните нерегистрирани гробови во Канада се откриени во дворот на интернатот на Мисионерското црковно училиште „Св. Џозеф“, кое се наоѓа во подрачјето на Езерото Вилијамс Првите Нации во покраината Британска Колумбија.

Истражувачките екипи објавија дека се откриени 93 нови гробови благодарение на површински радар со кој се скенираа 14 хектари од 470 хектари површина која му припаѓа на училиштето.


‒ Најголемата злоупотреба на деца во канадската историја

Првиот од црковните интернати кои се сметаат за „места на најголемата злоупотреба на деца во канадската историја“, беше отворен во раните 1880-ти, а последниот беше затворен во 1996 година.

Во училиштата во кои биле сместени повеќе од 150.000 локални деца насилно одземени од нивните семејства, поголемиот дел од децата, физички, сексуално и психички биле малтретирани од свештениците, калуѓерките и други наставници.

Во документите заведени од страна на Комисијата за вистина и помирување формирана во Канада во 2010 година се наведува дека покрај злоупотребата, утврдено е дека се извршувани и медицински експерименти врз некои деца.

Канадската Федерална влада официјално се извини за жртвите во интернатските црковни училишта, во кои илјадници деца умреа од глад, студ и болести.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın