ОН: На фосилни горива годишно се трошат 4 пати повеќе средства од оние наменети за климатскиот фонд на сиромашните земји
- Обединетите нации (ОН) објавија дека секоја година за субвенционирање на фосилни горива се користат четири пати повеќе средства (423 милијарди долари) од висината на фондот наменет за сиромашните земји за справување со климатската криза

ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ
Обединетите нации (ОН) објавија дека секоја година за субвенционирање на фосилни горива се користат четири пати повеќе средства (423 милијарди долари) од висината на фондот наменет за сиромашните земји за справување со климатската криза, известува Агенција Анадолија (АА).
Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја започна кампањата „Не го избирај изумирањето“ за да го привлече вниманието на ефектите од фосилните горива, како што се нафтата и јагленот, врз луѓето и животната средина.
Во кратко видео подготвено во рамките на кампањата, диносаурус чиј вид е исчезнат, држи говор на Генералното собрание на Обединетите нации, и повикува да се стои настрана од фосилните горива и „да не се избира изумирањето“.
Според студијата на УНДП, за секој 1 долар кој им е потребен на сиромашните земји за справување со климатската криза, се трошат 4 долари за финансирање на фосилни горива.
Секоја година за субвенционирање на фосилни горива се трошат 423 милијарди долари или четири пати повеќе од средствата потребни за помош на земјите во развој за справување со климатската криза.
ОН повикуваат да се обезбедат 100 милијарди долари годишно за финансирање на земјите во развој како помош во борбата против климатската криза.
Во истражувањето се посочува дека со средствата наменети за фосилните горива би можело да се обезбеди вакцинирање на секое лице против Ковид-19 или да се елиминира екстремната сиромаштија во светот.
Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), доколку се земат предвид трошоците за животната средина поради фосилните горива, тогаш бројката се зголемува на 6 трилиони долари.
Според истражувањето, средствата наменети за фосилни горива не само што ја попречуваат борбата против климатската криза, туку и ја продлабочуваат социјалната нееднаквост.
Кај земјите во развој, околу половина од јавните ресурси потрошени на фосилни горива, обезбедуваат придобивки за 20 проценти од најбогатите во земјата.
Според Парискиот климатски договор постигнат во 2015 година, во рамките на борбата против климатските промени, потребно е растот на глобалната температура до крајот на векот да се одржи под 2 степени Целзиусови или да се ограничи дури до 1,5 Целзиусови степени.
Во последниот извештај на Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП), се наведува дека преземените тековни обврски за постигнување на целта за нула емисија на јаглерод до 2050 година не се доволни за да се спречи климатската катастрофа.
Со сегашните обврски на земјите потписнички на Парискиот климатски договор, светот се движи кон зголемување на температурата за 2,7 степени Целзиусови.
Според експертите, емисиите на стакленички гасови мора да се намалат за 55 отсто до 2030 година за да се ограничи зголемувањето на глобалната температура на 1,5 степени Целзиусови.