Нелегални израелски доселеници запалија палестински возила за време на воени рации на окупираниот Западен Брег
- Според Комисијата за отпор колонизацијата и ѕидот на раздвојување, израелските доселеници извршиле 7.154 напади врз Палестинци и нивниот имот последниве 2 години. Убиени се 33 Палестинци, а 33 бедуински заедници биле присилени на иселување.
РАМАЛА / ИСТАНБУЛ (АА) - Нелегални израелски доселеници денес запалија две палестински возила на окупираниот Западен Брег, соопшти групата за заштита на бедуинските права „Ал-Бајдар“, предупредувајќи на растечка ескалација во регионот, јавува Анадолу.
Според организацијата, возилата биле запалени во селото Бурка, источниот дел на Рамала, на централниот Западен Брег.
„Ал-Бајдар“ истакна дека нападот е дел од серија провокативни акции насочени кон палестински имот во областа.
Според податоците на Комисијата за отпор колонизацијата и ѕидот на раздвојување, израелските доселеници извршиле 7.154 напади врз Палестинци и нивниот имот последниве две години, при што биле убиени 33 Палестинци, а 33 бедуински заедници биле присилени на иселување.
Во меѓувреме, израелската армија изврши рација во бегалскиот камп Фара во областа Тубас, на северниот дел на Западниот Брег, при што го блокирала движењето на жителите, сведочеа очевидци за Анадолу.
Воените сили упаднале и претресле неколку домови, оштетувајќи имот пред да се повлечат од кампот, додаваат сведоците.
Оваа операција е дел од серија израелски упади во различни палестински градови на окупираниот Западен Брег, при што се приведени повеќе лица.
Израелските напади на окупираните територии се интензивираа од октомври 2023 година, при што биле убиени повеќе од 1.062 Палестинци, а повредени над 10.300 лица, според палестински извори.
Меѓународниот суд на правдата во јули оцени дека израелската окупација на палестинските територии е незаконска и побара евакуација на сите израелски населби во Западниот Брег и Источен Ерусалим.
