Мигрената и главоболките претставуваат глобален предизвик за јавното здравје, покажува ново истражувањe
- „Овие нови здравствени проблеми со главоболка, во комбинација со зголемениот психолошки стрес, ограничениот пристап до здравствена грижа и социјалните фактори, веројатно дополнително го комплицираат веќе постојниот предизвик во јавното здравје“
ИСТАНБУЛ (АА) – Мигрената и главоболките и понатаму се меѓу најчестите нарушувања на здравјето на луѓето во светот што предизвикуваат онеспособување, а се манифестираат кај повеќе од една третина од светската популација и за нив е потребно многу поголемо внимание во политиката за јавно здравје, покажува едно ново меѓународно истражување, јавува Анадолу.
Во истражувањето, спроведено од невролози од Универзитетот „Ла Тробе“ и „Вестерн хелт“ објавено во списанието „Cell Reports Medicine“, се анализираат податоците од студијата „Глобален товар од болести, повреди и ризик-фактори (GBD)“, во која се опфатени 204 земји и територии во периодот од 1990 до 2021 година.
Според резултатите, 2,8 милијарди луѓе во светот живеат со нарушувања поврзани со главоболки, што ги прави една од водечките причини за години поминати во инвалидитет (YLDs).
Истражувањето открива дека стресот, постојаното седење, консумирањето алкохол и кофеин, како и неквалитетното спиење, се главни фактори што придонесуваат за зголемување на зачестеноста на главоболките.
Пандемијата на КОВИД-19, исто така, донела нови предизвици – пациентите пријавувале акутни или хронични главоболки по инфекцијата со Сарс-Ков-2 или по вакцинацијата.
„Овие нови здравствени проблеми со главоболка, во комбинација со зголемениот психолошки стрес, ограничениот пристап до здравствена грижа и социјалните фактори, веројатно дополнително го комплицираат веќе постојниот предизвик во јавното здравје“, се наведува во извештајот.
Истражувањето покажува дека жените на возраст од 30 до 44 години и луѓето што живеат во повисоко развиени земји се најмногу погодени. Иако тензичните главоболки се почести од мигрените, мигрените значително повеќе онеспособуваат, нагласуваат истражувачите.
Главниот автор, професор Тиса Вијератне, изјави дека и покрај напредокот во дијагностиката и третманот, глобалната распространетост на главоболките веројатно нема да се намали поради трајните ризик-фактори и ограничениот пристап до професионална медицинска грижа.
„Ограничената употреба на професионални здравствени услуги и прекумерната зависност од лекови без рецепт го забавуваат напредокот“, рече Вијератне, повикувајќи на специфични интервенции и зголемено финансирање на здравствените системи.
„Ова истражување ја истакнува итната потреба нарушувањата поради главоболки да бидат приоритет во глобалните здравствени агенди“, се заклучува во извештајот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
