Научниците во Швајцарија алармираат дека екоанксиозноста е во пораст
Според анкетата, во која учествувале 80 климатски истражувачи, 72% изјавиле дека се чувствуваат емоционално погодени од својата работа или од еволуцијата на климатските промени. Од нив, 41% го чувствуваат тоа повремено, а 31% неколкупати неделнo
ЖЕНЕВА (АА) – Климатските промени не ги менуваат само екосистемите и човечките активности туку имаат и силно емоционално влијание врз научниците што ги проучуваат, покажува нова анкета на „Свисинфо“ спроведена меѓу истражувачи во Швајцарија, јавува Анадолу.
Според анкетата, во која учествувале 80 климатски истражувачи, 72% изјавиле дека се чувствуваат емоционално погодени од својата работа или од еволуцијата на климатските промени. Од нив, 41% го чувствуваат тоа повремено, а 31% неколкупати неделно.
Само 6% од научниците изјавиле дека не доживуваат никаква посебна емоционална реакција.
„Многу сум загрижен за среднорочните последици од климатските промени. Имам ќерка и се прашувам во каков свет ќе живее“, изјави за „Свисинфо“, Пјер Воленвајдер, истражувач по шумска екологија во Швајцарскиот федерален институт за истражување на шумите, снегот и пејзажите.
Голем дел од научната заедница повеќе не верува дека е можно да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 Целзиусови степени над претиндустриското ниво, што е најамбициозна цел на Парискиот договор.
„Обесхрабреност и тага доминираат кога ќе помислам на тоа што е направено политички“, изјави Соња Сеневиратне, климатолог на ЕТХ Цирих.
Сепак, таа додаде дека денес има повеќе надеж отколку пред две децении:
„Порано бев многу повеќе песимистична затоа што тогаш немавме решенија. Денес ги имаме, иако е фрустрирачки што е толку тешко да се донесат одлуки што би биле сосема рационални.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
