спорт

Истражување: Физичката активност може да обезбеди поголема заштита кај жените од срцеви заболувања

Резултатите покажале дека жените имаат потреба од само 250 минути вежбање неделно за да го намалат ризикот од коронарна срцева болест за 30%, а кај мажите ист ефект се постигнува со 530 минути вежбање

Berk Kutay Gökmen  | 05.11.2025 - Обновена : 05.11.2025
Истражување: Физичката активност може да обезбеди поголема заштита кај жените од срцеви заболувања

ИСТАНБУЛ (АА) – Физичката активност може да обезбеди значително поголема заштита кај жените отколку кај мажите кога станува збор за превенција и лекување на коронарна срцева болест, покажува едно ново истражување, пренесува Анадолу.

Наодите од студијата неодамна беа објавени во меѓународното списание „Природни кардиоваскуларни истражувања“, пренесе новинската агенција „Синхуа“ денес.

Истражувањето е спроведено од тим предводен од професорот Ванг Јан и истражувачот Чен Ѓаџин од Кардиоваскуларната болница во Сјамен, при Универзитетот во Сјамен, и од Градската болница во Шангај при Универзитетот „Шангај Ѓао Тонг“.

Во истражувањето, базирано врз податоци собрани од 85.000 учесници, тимот ги анализирал родовите разлики во превенцијата и третманот на коронарната срцева болест преку физичка активност.

Резултатите покажале дека жените имаат потреба од само 250 минути вежбање неделно за да го намалат ризикот од коронарна срцева болест за 30%, а кај мажите ист ефект се постигнува со 530 минути вежбање.

Дополнителната анализа открила дека кај лицата што веќе имаат дијагностицирана коронарна срцева болест, жените што вежбаат 51 минута неделно го намалуваат ризикот од смрт за 30%, а мажите мора да вежбаат 85 минути неделно за да постигнат сличен резултат.

Коронарната срцева болест останува една од водечките причини за смртност во светот, а експертите се надеваат дека резултатите од оваа студија ќе придонесат за развој на стратегии за превенција и третман што ќе бидат приспособени на полот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.