Медиуми: Претставници од САД и Иран се подготвуваат за средба во Истанбул во услови на зголемени воени тензии
Турција ќе биде домаќин на средбата, а се очекува да присуствуваат и официјални претставници од Катар, Египет и други регионални земји
ИСТАНБУЛ (АА) – Високи официјални претставници од Соединетите Американски Држави (САД) и Иран се подготвуваат за директна средба во Истанбул в петок, во обид да се најде дипломатско решение и да се спречи поширок конфликт, објавија американски медиуми, пренесува Анадолу.
„Волстрит журнал“ и „Њујорк тајмс“ вчера објавија дека на планираната средба ќе учествуваат специјалниот пратеник на САД Стив Виткоф, зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.
Турција ќе биде домаќин на средбата, а се очекува да присуствуваат и официјални претставници од Катар, Египет и други регионални земји.
Се очекува разговорите да опфатат повеќе паралелни теми, вклучувајќи ја нуклеарната програма на Иран и пошироките барања на САД во врска со ракетите и регионалните милиции, иако двете страни остануваат дистанцирани во своите ставови.
- „Американскиот напад врз Иран би предизвикал хаос“ -
Претседателот Трамп ја нагласи сериозноста на ситуацијата додека американските сили се групираат во регионот, при што во неделата изјави:
„Таму ги имаме најголемите и најмоќни бродови во светот, многу блиску, за неколку дена. Се надевам дека ќе постигнеме договор.“
Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хаменеи, испрати порака, предупредувајќи:
„Американците треба да знаат дека ако започнат војна, овој пат тоа ќе биде регионална војна.“
Псредниците од Турција, Катар, Египет, Оман и Ирак зад кулисите разменуваат пораки, додека Арагчи и Виткоф повторно воспоставиле директен контакт преку текстуални пораки, изјавиле официјални лица за „Њујорк тајмс“.
Иран сигнализираше подготвеност да ја ограничи или суспендира својата нуклеарна активност според одредени рамки и повторно ги разгледа опциите од договорот од 2015 година, вклучувајќи и пренос на збогатен ураниум во Русија, изјавиле ирански претставници.
Аналитичарите велат дека координираниот регионален притисок ги одразува стравувањата од широка нестабилност. Али Ваез од Групата за меѓународна криза предупреди:
„Американскиот напад врз Иран би предизвикал хаос – бегалци, милитантност, нестабилност – побрзо отколку што некој би можел да го контролира“, пренесува „Волстрит журнал“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
