Норвешкиот премиер ги отфрли тврдењата на Трамп дека САД немаат корист од НАТО
„Звучи целосно неточно кога американскиот претседател стои во Давос и вели дека ние сме дале сè за НАТО, а НАТО не дава ништо за возврат. Тоа е погрешно. Едноставно е погрешно“
ИСТАНБУЛ (АА) – Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе ги отфрли тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Соединетите Американски Држави (САД) „никогаш не добиле ништо“ од членството во НАТО, јавува Анадолу.
„Звучи целосно неточно кога американскиот претседател стои во Давос и вели дека ние сме дале сè за НАТО, а НАТО не дава ништо за возврат. Тоа е погрешно. Едноставно е погрешно“, изјави Сторе на Конференцијата за безбедност во Осло.
Тој нагласи дека колективната безбедност „не е хуманитарна организација“, туку е создадена врз основа на заемен и сопствен интерес.
Како пример за промените во глобалниот поредок, Сторе ги посочи и заканите на САД со царини кон сојузниците, кои, според него, се користат како политичка алатка за наметнување на идејата за преземање на Гренланд.
Премиерот, исто така, ја истакна потребата од продлабочување на европската соработка во областа на безбедноста, одбраната и трговијата, како и преиспитување на улогата на САД во безбедноста на Европа во контекст на променливата глобална средина.
„Ќе настојуваме разумно да вложуваме во одбраната, така што тоа навистина ќе се вклопи во регионалните планови. Но, ќе направиме и повеќе. Стратешки ќе ја продлабочиме соработката со водечките европски партнери и со Обединетото Кралство. Не заборавајте, пријатели, ЕУ е клучна за нашата безбедност. Но, земјите членки на ЕУ претставуваат само 20 отсто од воениот капацитет на НАТО. Останатите 80 отсто се надвор од ЕУ: САД, Канада, Турција, Обединетото Кралство и Норвешка“, додаде Сторе.
