Конзервативката Лаура Фернандез Делгадо води на претседателските избори во Костарика според првичните резултати
Фернандез Делгадо, која се смета за политичка наследничка на актуелниот претседател Родриго Чавес Роблес, има убедлива предност пред другите кандидати и на пат е да победи уште во првиот круг
МЕКСИКО СИТИ (АА) – Конзервативната кандидатка Лаура Фернандез Делгадо од владејачката Суверената народна партија (PPSO) води на претседателските избори во Костарика, соопшти вчера Врховниот изборен трибунал (TSE), јавува Анадолу.
Фернандез Делгадо, која се смета за политичка наследничка на актуелниот претседател Родриго Чавес Роблес, има убедлива предност пред другите кандидати и на пат е да победи уште во првиот круг, според прелиминарните резултати.
Првично, ТСЕ соопшти дека се преброени гласовите од 2.228 избирачки места од вкупно 7.154, што претставува 31,14 отсто од вкупниот број, со најави за натамошно ажурирање на резултатите.
Фернандез Делгадо водеше во раното пребројување со 326.733 гласа, односно 53 отсто, што е значително над потребниот праг од 40 отсто за победа во првиот круг.
На второ место се најде Алваро Рамос од Партијата за национално ослободување (PLN), со 185.257 гласа, односно околу 30,06 отсто.
Според податоците по пребројување на 88,43 отсто од гласачките места, Фернандез Делгадо остана на врвот со 48,51 отсто од гласовите, или повеќе од еден милион гласачки ливчиња, со што го надмина законскиот праг од 40 отсто за победа во првиот круг.
Рамос, како кандидат на левицата, остана на второ место со 33,32 отсто од гласовите, додека Либералната партија освои 750.585 гласа.
Изборите беа обележани со невообичаено голем број кандидати, вкупно 20, кои се натпреваруваа за претседателската функција.
Сепак, дури 18 кандидати не успеаја да го надминат прагот од 4 отсто според прелиминарните резултати.
Иако изборните власти сè уште официјално не ја прогласија Фернандез за победник на општите избори во 2026 година, дел од јавноста веќе ја слави нејзината убедлива победа.
Меѓу првите што ѝ честитаа беше и претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, кој преку американската компанија за социјални медиуми Х ѝ посака успех.
„Штотуку телефонски ѝ честитав на новоизбраната претседателка на Костарика, Лаура Фернандез. Ѝ посакувам голем успех во нејзиниот мандат и сè најдобро на братскиот народ на Костарика“, напиша Букеле.
Изборите беа проследени и со висока излезност, при што ТСЕ соопшти дека гласале 66,96 отсто од гласачите, а 33,04 отсто не излегле на гласање.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
