Кинескиот претседател го потпиша новиот закон за безбедност за Хонгконг
- Кинескиот претседател, Си Ѓинпинг, денес го потпиша декретот за стапување во сила на спорниот нов закон за безбедност наменет за Хонгконг

АНКАРА
Кинескиот претседател, Си Ѓинпинг, денес го потпиша декретот за стапување во сила на спорниот нов закон за безбедност наменет за Хонгконг, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Си Ѓинпинг го потпиша декретот откако Постојаниот комитет на 13. Национален народен Конгрес на Кина, највисокото законодавно тело во Кина, едногласно гласаше за усвојување на законот претходно во текот на денот, јави дневниот весник „Глобал тајмс“.
Предлог-законот е потпишан и покрај повеќемесечните протести, односно, како што ги нарекува Кина, антинационалните активности минатата година во полуавтономната територија.
Според законот, ќе се смета за кривично дело секое поткопување на овластувањата на Пекинг во Хонгконг.
Хонгконг, кој е под суверенитет на Кина од 1997 година, беше сведок на големи протести минатата година против потегот за легализирање на екстрадицијата на обвинетите од територијата на континентална Кина.
Пред усвојувањето на законот, Соединетите Американски Држави (САД) ветија дека ќе ги отстранат исклучоците што ги имаат во политиката кон Хонгконг.
Новиот закон, кој содржи шест поглавја и 66 членови, ќе криминализира четири типа на акти и ќе ги казни сите вклучени.
„Активностите за сецесија, субверзија на државната моќ, терористичките активности и заговор со странски или надворешни сили поради загрозување на националната безбедност“ се четирите кривични дела вклучени во новиот закон за безбедност.
Велика Британија, Австралија и Канада, исто така, изразија длабока загриженост во врска со законот, потенцирајќи дека тој може да се искористи за задушување на какво било несогласување.
Пекинг ги отфрли критиките велејќи дека нема да толерира мешање во внатрешните работи на Кина.