свет

Кина со хуманитарна помош за Иран, Јордан, Либан, Ирак поради конфликтот на Блискиот Исток

- „Пекинг останува посветен на визијата за формирање на заедничка заедница на човештвото и на хуманитарниот дух“

Riyaz Khaliq Khaliq  | 17.03.2026 - Обновена : 17.03.2026
Кина со хуманитарна помош за Иран, Јордан, Либан, Ирак поради конфликтот на Блискиот Исток

ИСТАНБУЛ (АА) – Кина денес соопшти дека е донесена одлука за испраќање итна хуманитарна помош на Иран, Јордан, Либан и Ирак во услови на тековниот вооружен конфликт на Блискиот Исток, по продолжените американско-израелски напади врз Техеран од 28 февруари, јавува Анадолу.

„Пекинг останува посветен на визијата за формирање на заедничка заедница на човештвото и на хуманитарниот дух“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Џијан, пред новинарите во кинеската престолнина.

„Тековниот конфликт предизвика мачна хуманитарна катастрофа за народите во земјите од регионот, вклучувајќи го и Иран. Кина длабоко сочувствува со граѓаните во засегнатите држави и нашите срца се со нив“, изјави Лин.

„Кина донесе одлука да понуди итна хуманитарна помош на Иран, Јордан, Либан и Ирак, со надеж дека ќе ги ублажи хуманитарните потешкотии со кои се соочуваат луѓето од погодените земји“, додаде Лин.

Минатата недела, Пекинг рече дека кинеското здружение Црвен крст ќе издвои 200.000 долари за итна хуманитарна помош за Иранската полумесечина, чии средства се наменети за поддршка и „утеха“ на семејствата на повеќе од 165 ученички кои го загубија животот во американско-израелскиот воздушниот напад врз Основното училиште „Шаџаре Тајебе“, во јужниот ирански град Минаб, на 28 февруари.

Лин истакна дека Кина „ќе продолжи да го дава својот максимум за да апелира за мир, да работи на што поскоро враќање на регионалниот мир и стабилност и да спречи понатамошно ширење на хуманитарната криза“.

Непријателствата во регионот ескалираа со почетокот на заедничките напади на САД и Израел врз Иран, во кои досега се убиени околу 1.300 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.

Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив кои имаат американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата, и истовремено нарушувајќи ги глобалните пазари и авијацијата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.