Иранските гласачи избираат нов состав на Парламентот
Набљудувачите очекуваат мала излезност на гласачите откако иранскиот Гардиски совет ја одби номинацијата на неколку кандидати, претежно реформисти и умерени политичари, како и поради коронавирусот

ТЕХЕРАН (АА) - Денеска иранските гласачи избираат нов состав на 290-члениот ирански Парламент, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вкупно 55.000 избирачки места низ целата земја се отворија утрово во 8:00 часот по локално време (0430 GMT).
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи, беше меѓу првите гласачи во главниот град Техеран.
Тој ги повика Иранците да излезат и да го дадат својот глас и да имаат удел во осигурувањето на националните интереси на земјата.
Според официјалните податоци, речиси 58 милиони Иранци имаат право на глас за кандидатите од над 250 партии.
Набљудувачите очекуваат мала излезност на гласачите откако иранскиот Гардиски совет ја одби номинацијата на неколку кандидати, претежно реформисти и умерени политичари.
Загриженоста околу слабиот одзив се поврзува и со ширењето на коронавирусот во Иран, со досега 4 смртни случаи и 13 заразени лица.