Судењето за трагедијата во Кочани: Сведочеа повредените и оштетените, рочиштето продолжува на 2 февруари
- Сведоците ја опишаа атмосферата на паника и хаос што настанала кога пламенот и чадот ја зафатиле дискотеката преполна со луѓе, како и последиците што ги трпат до ден-денес
СКОПЈЕ (АА) - Со сведочења на повредените и оштетените продолжи судскиот процес во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд во Скопје за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, јавува Анадолу.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска истакна дека без ред и дисциплина нема судење, предупредувајќи дека секое нарушување на јавниот ред ќе биде санкционирано и дека тоа важи за сите – оштетените страни, обвинетите и бранителите.
Денеска сведочеа Кристијан Панов, Иван Данаилов, Тоше Трендафилов и Мартин Китанов, кои ја опишаа атмосферата на паника и хаос што настанала кога пламенот и чадот ја зафатиле дискотеката преполна со луѓе, како и последиците што ги трпат до ден-денес.
Судењето за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, ќе продолжи на 2 февруари.
На следното рочиште, по предлог на Јавното обвинителство, планирано е да бидат сослушани законските застапници на оштетените страни.
Сите обвинети на почетокот на судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата.
Во раните утрински часови на 16 март 2025 година, во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани изби пожар како последица на пиротехнички средства за време на забавната вечер, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Првичните истраги по инцидентот открија дека објектот работел со фалсификувана лиценца и со години функционирал без да ги исполнува потребните стандарди.
На обвинителна клупа се 37 лица - менаџери, сопственици, поранешни градоначалници, инспектори, обезбедување и државни службеници.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
