Кина повика на дијалог откако Трамп рече дека „голема сила“ се упатува кон Иран
„Знаете, имаме многу бродови што одат во таа насока, за секој случај. Имаме голема флота (која се движи) во таа насока и ќе видиме што ќе се случи“
ИСТАНБУЛ (АА) – Кина денес повика на дијалог по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека „голема сила“ од САД е на пат кон Иран, јавува Анадолу.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Гуо Џиакун во Пекинг изјави дека Кина се надева дека Иран ќе ја одржи националната стабилност. Тој додаде дека Пекинг се надева дека сите страни ќе го ценат мирот, ќе внимаваат и ќе ги решаваат разликите преку дијалог.
„Знаете, имаме многу бродови што одат во таа насока, за секој случај. Имаме голема флота (која се движи) во таа насока и ќе видиме што ќе се случи“, изјави Трамп за новинарите вчера во авионот „Ер Форс Уан“ на пат кон Вашингтон од Давос, Швајцарија.
„Имаме голема сила што оди кон Иран. Повеќе би сакал ништо да не се случи“, додаде тој.
Трамп рече дека САД го следат Иран „многу внимателно“.
„Имаме армада. Имаме огромна флота што се движи во таа насока и можеби нема да мора да ја користиме. Ќе видиме“, нагласи тој.
За време на протестите во Иран на почетокот на овој месец Трамп предупреди дека САД ќе „преземат многу силни мерки“ против Техеран, но тензиите се намалија во текот на изминатата недела со смирувањето на демонстрациите.
Бројот на жртви во протестите во Иран се искачи на 5.002, соопшти американската Новинска агенција на активисти за човекови права (ХРАНА).
Иранските власти ги обвинија САД дека ги поддржуваат оние што ги опишуваат како „вооружени бунтовници“, кои извршија неколку напади на јавни места низ целата земја.
Реагирајќи на извештаите дека САД ќе ѝ дозволат на Кина да купува венецуелска нафта, но не по „пониски“ цени по кои се продаваше суровата нафта за време на администрацијата на приведениот претседател Николас Мадуро, Гуо рече дека јужноамериканската земја „е суверена земја и има право самостојно да ги избира своите партнери за соработка“.
Администрацијата на Трамп, во воена операција на 3 јануари, ги приведе венецуелскиот лидер Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес во Каракас и ги однесе со авион во Њујорк, каде што се наоѓаат во притвор.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
