свет

Индонезија распоредува слонови за расчистување на урнатините по смртоносните поплави

- Агенцијата за заштита на природните ресурси испрати 4 дресирани слона за отстранување на паднатите дрвја во провинцијата Ачех, на островот Суматра, каде што поплавите уништија патишта и го блокираа пристапот на тешка механизација

Kanyshai Butun, Riyaz Khaliq Khaliq  | 09.12.2025 - Обновена : 10.12.2025
Индонезија распоредува слонови за расчистување на урнатините по смртоносните поплави

ИСТАНБУЛ (АА) — Индонезија распореди суматриски слонови за да помогне во обновувањето на пристапот и расчистувањето на урнатините во областите уништени од силните поплави и лизгањето на земјиштето во кои загинаа или се водат како исчезнати повеќе од 1.200 луѓе, соопштија властите денес, јавува Анадолу.

Агенцијата за заштита на природните ресурси (BKSDA) испрати четири дресирани слона за отстранување на паднатите дрвја во делови од провинцијата Ачех, на северозападниот дел на островот Суматра, каде што поплавите уништија патишта и го блокираа пристапот на тешка механизација, пренесе „Компас ТВ“.

Според телевизијата, слоновите биле распоредени „во области каде што тешката механизација не може да стигне“.

Во големите поплави и свлечишта низ Индонезија над 1.200 лица загинаа или се исчезнати, информира Националната агенција за управување со катастрофи.

Повеќе од 3,2 милиони луѓе се погодени од невремето, а над еден милион раселени жители се преместени во побезбедни подрачја во провинциите Северна Суматра, Западна Суматра и Ачех.

Денес Кина соопшти дека „внимателно ја следи“ ситуацијата со смртоносните поплави на Суматра.

„Кинеските лидери упатија сочувство до индонезиската страна. Кина ќе продолжи да обезбедува хуманитарна помош за индонезиската Влада во согласност со нејзините потреби“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Гуо Ѓијакун, во Пекинг.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.