свет

Илон Маск најави заминување од администрацијата на Трамп

„Завршува мојот предвиден ангажман како специјален владин службеник и би сакал да му се заблагодарам на претседателот за можноста да придонесам во намалувањето на непотребното трошење“

Rabia İclal Turan, Michael Gabriel Hernandez  | 29.05.2025 - Обновена : 30.05.2025
Илон Маск најави заминување од администрацијата на Трамп

ВАШИНГТОН (АА) - Милијардерот Илон Маск официјално соопшти дека се повлекува од својата улога како главен советник на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Анадолу.

„Завршува мојот предвиден ангажман како специјален владин службеник и би сакал да му се заблагодарам на претседателот за можноста да придонесам во намалувањето на непотребното трошење“, напиша Маск во соопштението објавено на платформата Х.

„Мисијата на ДОГЕ ќе продолжи да се зајакнува со текот на времето и ќе стане начин на функционирање низ целата Влада“, додаде тој, повикувајќи се на Одделот за ефикасност на Владата, кој го водеше од првиот ден на мандатот на Трамп.

Претставник од Белата куќа за Анадолу потврди дека Маск ја напушта администрацијата.

Одделот за ефикасност на Владата беше формиран со цел да се елиминира непотребното трошење во федералната администрација. Оттогаш тимот на Маск укина илјадници работни места, а спорните напори за распуштање на агенции, како што е Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), како и пристапот до чувствителни податоци без надзор, предизвикаа жестоки реакции.

Повлекувањето на Маск доаѓа во време на несогласувања со претседателот Трамп околу неговиот закон за буџет и намалување на даноците, кој Маск го оцени како деструктивен за федералниот дефицит.

„Искрено, бев разочаран од предлог-законот за трошење, кој не само што не го намалува буџетскиот дефицит туку го зголемува, поткопувајќи ја работата на тимот на ДОГЕ“, изјави Маск во интервју за Си-би-ес што беше емитувано во неделата.

Претседателот Трамп негираше дека законот ќе го зголеми дефицитот и покрај силната критика од сопствената партија. Минатата недела тој успеа да го протурка законот низ Претставничкиот дом, каде што беше усвоен со тесно мнозинство од 215 наспроти 214.

Сега законот се упатува во Сенатот, каде што се очекува сите демократи да гласаат против, а неколку клучни републиканци сè уште се неодлучни или веќе најавија дека нема да го поддржат.

„Мислам дека сегашните кратења во законот се слаби, но сепак би го поддржал ако не го зголемува долгот“, изјави сенаторот Ренд Пол за Фокс њуз во неделата.

Тој побара од законот да се отстрани предвиденото зголемување на лимитот за државниот долг од 4 билиони долари, предупредувајќи дека „математиката не се совпаѓа“.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.