Израел започна изградба на нова бариера долж границата со Јордан
Според соопштението, проектот го водат Управата за гранични системи, заедно со Инженерската дивизија на Министерството и израелската армија. Во првата фаза ќе се работи на подрачјата во долината на Јордан, во должина од околу 80 километри.
ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) – Израелското Министерство за одбрана денес соопшти дека започнало со изградба на бариера долж границата со Јордан, јавува Анадолу.
Според соопштението, проектот го водат Управата за гранични системи, заедно со Инженерската дивизија на Министерството и израелската армија. Во првата фаза ќе се работи на подрачјата во долината на Јордан, во должина од околу 80 километри.
Министерството потврди дека изградбата има за цел да го зајакне „националното обезбедување и стратешката контрола врз источната граница.“
Проектот, чија вредност изнесува 5,5 милијарди шекели (околу 1,7 милијарди долари), предвидува воспоставување повеќеслоен систем што ќе се протега околу 500 километри – од јужните делови на сириските окупирани Голански висорамнини до северно од Ејлат, во јужен Израел.
„Ова ќе биде ‘паметна граница’ со физичка ограда, разузнавачки сензори, радари, камери и напредни технологии,“ изјави Еран Офир, раководител на Управата за гранични системи.
Палестинската власт и Јордан засега не дадоа официјален коментар за потегот на Израел.
Израелскиот Канал 12 на 18 мај објави дека Советот за безбедност ја одобрил изградбата на она што го нарече „безбедносна бариера“ долж јорданската граница.
Според овој медиум, одлуката била донесена по два наводни случаи на инфилтрација на странски државјани кои влегле во Израел без да бидат откриени од надлежните органи.
Меѓу Израел и Јордан функционираат три гранични премини: Шеик Хусеин (река Јордан), мостот Крал Хусеин (Аленби) и Вади Араба (Јицак Рабин).
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
