Израелската полиција упадна во седиштето на УНРВА во окупираниот Источен Ерусалим
– Израелската полиција денес упадна во затвореното седиште на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРУА) во населбата Шеик Џарах, во окупираниот источен Ерусалим
ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) – Израелската полиција денес упадна во затвореното седиште на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРУА) во населбата Шеик Џарах, во окупираниот источен Ерусалим, јавува Анадолу.
Комплексот служеше како канцеларија на УНРВА од 1951 година, но агенцијата го напушти објектот претходно оваа година по одлуката на израелската влада, со која Кнесетот изгласа забрана за работењето на УНРВА во Ерусалим.
Губернијата на Ерусалим, поврзана со Палестинската самоуправа, соопшти дека полициските сили извршиле рација во седиштето, ги привеле обезбедувачите и им ги конфискувале телефоните.
„Израелската полиција ја прекина комуникацијата, што го оневозможува следењето на состојбата во комплексот,“ се наведува во нивното соопштение.
Рацијата се случила „заедно со целосно затворање на околното подрачје и обемни претреси спроведени од страна на окупаторските сили низ сите објекти на зградата“, се вели во соопштението.
„Овој упад претставува директен предизвик на неодамнешното гласање на Генералното собрание на ОН, кое со огромно мнозинство го обнови мандатот на УНРВА,“ се додава во реакцијата.
Во соопштението се повикува на итна меѓународна акција за преземање одговорност против Израел „за кршење на меѓународното право“ и за покренување постапки против израелските лидери „поради злосторства и злоупотреби извршени врз палестинскиот народ и нивните национални и меѓународни институции“.
Ниту израелската полиција, ниту УНРВА веднаш не дадоа коментар за упадот.
Генералното собрание на ОН во петокот усвои резолуција за продолжување на мандатот на УНРВА за уште три години.
Резолуцијата беше поддржана со 151 глас „за“, 10 „против“ и 14 „воздржани“.
УНРВА е формирана од Генералното собрание на ОН пред повеќе од 70 години со цел да им помогне на Палестинците насилно протерани од својата земја.
Агенцијата на ОН се соочува со сериозни финансиски тешкотии откако Израел започна кампања за клевета против УНРВА, тврдејќи дека членови на персоналот биле вклучени во нападите од 7 октомври.
И покрај барањата на УНРВА до израелската влада да достави докази, агенцијата не доби никаков одговор. Поради обвинувањата, неколку клучни донатори, меѓу кои и САД, ја суспендираа или паузираа финансиската поддршка.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
