Извештај: ФБИ отпушти специјален агент вклучен во истрагата против Трамп
- Специјалниот агент Арон Тап рпетходно ги надгледувал истрагите поврзани со обидите на Трамп да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година, меѓу кои и истрагата позната под името „Арктички мраз“ (Arctic Frost).
ИСТАНБУЛ (АА) – Американското Федерално биро за истрага (ФБИ) денес го отпуштило специјалниот агент Арон Тап, кој претходно раководел со случаи на јавна корупција, вклучувајќи ја и истрагата што стана дел од постапката на специјалниот обвинител Џек Смит против претседателот Доналд Трамп, јави „Си-ен-ен“, повикувајќи се на два извора запознаени со случајот, пренесува Анадолу.
Тап, кој до неодамна бил специјален агент задолжен за Канцеларијата на ФБИ во Сан Антонио, претходно служел како заменик-помошник директор на Кривично-истражниот оддел во седиштето на ФБИ.
Во таа улога, тој надгледувал истраги поврзани со обидите на Трамп да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година, меѓу кои и истрагата позната под името „Арктички мраз“ (Arctic Frost).
Оваа истрага се фокусирала на шемата со „лажни електори“, во која сојузниците на Трамп наводно се обиделе да поднесат лажни изборни гласови од сојузни држави што ги добил Џо Бајден.
Во последните недели, републикански пратеници објавија документи од ФБИ поврзани со оваа истрага и го обвинија Смит и раководството на ФБИ за политичка пристрасност поради издавање судски налози за прибирање телефонски податоци од девет членови на Конгресот од Републиканската партија.
Записите, добиени во 2023 година, се однесувале на четиридневен период околу нападот врз Капитол Хил на 6 јануари 2021 година, но не вклучувале содржина на телефонските разговори. Смит ги отфрли обвинувањата за политичка мотивација, нагласувајќи дека станувало збор за стандардни истражни постапки.
Според биографијата објавена од ФБИ, Тап бил дел од Бирото повеќе од 20 години.
Дополнително, уште тројца високи функционери на ФБИ кои беа отпуштени во август поднесоа тужба против директорот на ФБИ, Каш Пател, и администрацијата на Трамп, тврдејќи дека нивните отпуштања биле дел од политички мотивирана чистка поттикната од притисоци од про-Трамп медиумите и социјалните мрежи.
Меѓу тужителите се Брајан Дрискол, кој кратко време бил вршител на должноста директор на ФБИ, Стивен Џенсен, поранешен раководител на Канцеларијата во Вашингтон, и Спенсер Еванс, шеф на Канцеларијата во Лас Вегас.
Во тужбата се наведува дека Пател „не само што делувал незаконски, туку свесно ја ставил политизацијата на ФБИ пред заштитата на американскиот народ“.
За време на нивните сослушувања во Сенатот, Пател и другите функционери ги негираа обвиненијата дека спроведуваат политичка одмазда, иако Трамп повеќепати јавно ветуваше такви потези за време на своите изборни кампањи.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
